Во М-НАВ министрите вработувале роднини но и синови, ќерки, браќа, сестри и внуци и се тоа под будното око на директорот кој е зет за сестра на министерката Рената Дескоска

Објавил: Мартин Попоски | 23 ноември, 2018 8:38

Половина влада вработувала роднини во М-НАВ

Фото/Текст извор: ©nezavisen.mk

Иако постои на хартија, антикорупциска не е функционална веќе 10 месеци, идеален временски период половина влада да си ги вработи роднините во јавни и државни претпријатија.

Прв по шпекулациите дека М-НАВ е идеалното ново работно место ако си роднина на министер од СДСМ го потврди Николовски.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски потврди дека нему блиско лице од неодамна е вработено во М-НАВ.

Точно. Се информирав за оваа работа. Да, таму има лице кое е во роднинска врска со мене. Јас би ве препратил прашањето да го поставите во М-НАВ за да се утврдат сите процедури и сите постапки што биле направени. Институциите тоа нека си го спроведат. – изјави министерот.

Притоа лицето е вработено од минатата недела, а во М-НАВ работи и неговиот татко. Синот на роднината на Николовски не успеал да влезе на првиот оглас зашто не ги исполнувал условите, ама за него бил распишан и втор оглас. Претходното работел во една од компаниите во зоната „Бунарџик“.

И сопругата на шефот на кабинет на министерот за транспорт и врски  Горан Сугарески влегла на еден од поновите огласи за вработување во М-НАВ.

На листата на вработени синови, ќерки, браќа, сестри и внуци се наоѓаат и синот на директорот на еден од социјалните фондови, сестрата на еден од вицепремиерите, внуците на директорот на телекомуникацискиот оператор и на висок претставник на помалиот коалициски партнер, синот на пратеничка од истата партија.

Симптоматично е што директор на М-НАВ е зет за сестра на министерката за правда Рената Дескоска.

Иако на повеќе начини може да се испита и санкционира непотизмот, Антикорупциската комисија е стриктно надлежна за овој феномен. По оставката на пет од седум члена, веќе 10 месеци таа не функционира. Има јавен консензус новите антикорупционери да се избираат според построгите критериуми што ги поставува новиот закон за спречување корупција и судир на интереси. Наредниот понеделник, во прво читање, законот ќе го гледаат пратениците на собраниска седница.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести