Секој пратеник ќе има на располагање до 680.000 денари за промоција на својот став за референдумот за промена на името

Објавил: Мирко Бачиќ | 24 август, 2018 8:40

По 11 илјади евра за секој пратеник кој ќе сака да учествува во референдумската кампања

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Речиси 11 илјади евра ќе има на располагање секој пратеник во Собранието кој сака да води кампања за референдумот. Без разлика која страна ја застапува т.е дали е “за” и “против” или “бојкот” пратеникот доколку побара медиумски простор Собранието е должно да му го овозможи согласно медиа закупот а пратениците кои застапуваат ист став можат медиумскиот простор да го користат заеднички.

Претходната одлука дека министерствата ќе финансираат е поништена наспроти тоа Владата за потребите на Собранието за референдумската кампања пренамени 80 милиони денари од Буџетот на Република Македонија.

“Собранието со овие пари ќе направи медиа закуп во сите медиуми кои што доставиле ценовник согласно правилникот на Државната изборна комисија. Согласно тој правилник тој медиа закуп овие средства ќе бидат пропорционално еднакво рационално поделени на сите а пратениците потоа ќе треба да се изјаснат и внатре во Собранието да одлучат кој каков тип кампања ќе продуцира и во согласност со времето да го искористи медиумскиот закуп.” – изјави Бошњаковски.

Како ќе настапува мнозинството дали секој пратеник поединечно или како пратенички групи се уште не е дефинирано вели координаторот на пратеничката група на владејачката партија Томислав Тунтев.

“Договорот е секој пратеник во наредните неколку денови да добие писмено известување за тоа да се изјасни како мисли да се презентира односно да настапи во рамките на претстoјната кампања за референдумот и врз основа на нашето изјаснување како пратеници дали “за” – “против” или “бојкот” тогаш тоа координативно тело ќе се договори за рамномерна распределба на средствата.” – вели Тунтев.

Тунтев изрази жалење од фактот што опозицијата не присуствувала на координацијата кај Џафери кога се договарало ова координативно тело. Ги прашавме и ВМРО – ДПМНЕ дали ќе побараат медиумски простор и каква кампања ќе продуцираат но добивме одговор дека тоа ќе биде познато откако партијата ќе одлучи како ќе постапува во текот на референдумската кампања.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести