Самото сервисирање на долгот (исплата на рати и камати) изнесува околу 30% од јавните приходи.

Објавил: Владо Марин | 23 ноември, 2020 14:51

Предложениот лек за должничката криза е поопасен од самата болест од која е зафатена македонската економија

Фото/Текст извор: ©Магазин.мк

Јавниот долг забрзано се движи кон неодржливост. Нетранспарентноста, неотчетноста и самоволието во фискаланта политика на власта резултираше во надминување на индикативниот праг од 60%, со што моментално релативниот јавен долг во сооднос према БДП изнесува 60,7%.

Како индикатор за безгрижноста во злоупотребите на јавните финансии од страна на политичките елити е фактот дека, од 2009 до 2019 јавниот долг е скоро трократно зголемен, а само во 2020 е зголемен за 11% и во моментот изнесува 6,57 милијарди евра.

Самото сервисирање на долгот (исплата на рати и камати) изнесува околу 30% од јавните приходи.

Овие поразителни бројки укажуваат дека јавниот долг во голема мера го потроши фискалниот простор, особено поради зголемената потреба за финансирање на среден рок. Дури и да се исполнат очекувањета на власта за раст од околу 4% во 2021, иако историски гледано согласно растот во последната деценија реалните очекување се 2,6%,  Република Македонија нема да може да го сервисира јавниот долг без драстична промена во пристапот кон јавните финансии.

Соочени со потребата за сервисирање на долгот од постоечките Еврообврзници кои доспеваат во 2020, 2021, 2023, 2025 и 2026 година и најавите на премиерот, не само што нема да има промени во пристапот кон економијата и јавните финансии, туку забрзано ќе се спроведуваат политиките кои не’ донесоа до ова дереџе. Имено, како мерка за пополнување на огромната дупка создадена во буџетот најавена продажба и дополнително отуѓување на државните капацитети. Според Заев, во „игра“ се „Железници и транспорт“, „Македонски пошти“, „Еврокомпозит“. Ќе се нудат на продажба и Попова Шапка, Ливадиште, ТЕЦ Неготино и слични ресурси, дури во план е и продажба на земјоделско земјиште.

Овие планови, доколку се спроведат, како и во минатото кога токму СДСМ го распродаде народниот имот, така и сега ќе имаат катастрофален ефект по народот. Пред се’, генерирањето на средства нема да биде доволно да постигне реален ефект затоа што децениската негрижа за јавните претпријатија и третманот на „биро за вработување“ за партиските војници драстично ја има намалено нивната пазарна вредност. Второ, сето ова ќе значи зголемување на трошоците за граѓаните со тоа што во приватни раце ќе треба да ја плаќаат, не само одржливоста на јавните сервиси кои се на продажба, туку и профитот на новите сопственици. 

 

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА

 

23 ноември, 2020

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.