Двајцата радовишани оцениле дека парцелата чиј сопственик е починат е "идеална" за нелегално садење, одгледување и расад на марихуана

Објавил: Мирко Бачиќ | 5 септември, 2018 12:53

Радовишани саделе марихуана на парцела на покојно лице

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Радовиш, до ОЈО Струмица, поднесе кривична пријава, против К.М (53) и Н.Т (45), двајцата од Радовиш, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, казниво по член 215 став 1 и 3 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Надоворешната канцеларија за криминалистички работи Радовиш, постапувајки по добиени оперативни сознанија, во местото викано „Телешорски извори“, атар на село Смиланци, општина Радовиш, откри насад од околу 58 стебла од растението „Cannabis sativa“ (марихуана).

Растенијата биле засадени на парцела сопственост на покојно лице од с.Подареш, на површина од околу 50 метри квадратни, а стеблата биле во фаза на формирање на вршунки, во добра вегетативна кондиција, на висина од 120 до 300 сантиметри.

Пријавените континуирано ги одгледувале заради производство на опојна дрога марихуана.

Преземени се мерки за пронаоѓање на пријавените и на 02.09.2018 година околу 17.35 часот, првопријавениот е затекнат внатре во насадот како врши берба од стеблата Cannabis и ги става во вреќа. Од страна на полициски службеници тој е лишен од слобода, а пронајдените предмети со Потврда за привремено одземени предмети биле одземени.

Пронајдените 58 стебла „Cannabis sativa“ (марихуана) биле откорнати и врз основа на претходно издадена Наредба, биле дадени на вештачење. Додека, по целосно расчистување и документирање на случајот, против пријавените е поднесена кривична пријава.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.