Волфган Гампер во интервју за БИРН објасни дека плаќал мито и во Владата на ВМРО - ДПМНЕ но и во оваа на Заев, на СДСМ, по што се експресно се активираше Јавен обвинител

Објавил: Мирко Бачиќ | 25 октомври, 2018 11:16

СДСМ го рекетирале газдата на “Секјуриком”?

Фото/Текст извор: ©БИРН / Призма

Скандалот „Секјуриком“ и понатаму се провлекува под радарот на јавноста, иако овој корупциски случај во меѓувреме доби нови и по малку филмски димензии.

За скандалот БИРН пишуваше уште пред три години. Сомнежот е дека директорот на владината Служба за општи и заеднички работи во времето на ВМРО – ДПМНЕ, Васе Доневски незаконски подготвил терен само „Секјуриком“ да учествува на тендерот и така без пречки да дојде до бизнисот вреден повеќе од 10 милиони евра.

Тоа се случило во 2015 година.

Истражните власти проценија дека Владата би заштедила некаде околу четири милиони евра за хигиена, доколку имало конкуренција на тендерот.

Меѓутоа по објавеното интервју, сопственикот, австриецот Волфган Гампер кој нелегално ја напушти Македонија кон крајот на летото, појасни дека бил уценуван и од СДСМ.

Волфганг Гампер секако дека има своја верзија за спорниот тендер од 2015, но посебно скандалозни се неговите обвинувања кон власта предводена од СДСМ. Тврди дека го рекетирала.

„Ми ветија дека ќе го запрат судскиот процес, ќе ми го вратат пасошот и нема да ме уапсат. Исто така рекоа дека може да учествувам на новиот тендер.“

Волфганг Гампер по мало двоумење откри кому му ги давал изнудените пари, но БИРН ќе се воздржи и нема да ги објави имињата.

Станува збор за тотално анонимни луѓе, коишто сега за сега не можеме директно да ги поврземе со никој од актуелната власт, ниту, пак, Гампер дава било какви докази за такво нешто. Вели дека има пет сведоци.

Не е конкретен ни околу сумата што наводно ја дал. Вели дека во една прилика платил 150.000 евра, потоа дал уште 60.000 за некој да купел „мерцедес“, па на крајот уште 220.000 за некој трет да земел стан во Германија.

По ова се огласи и Основното Јавно обвинителство.

Јавниот обвинител кој постапува во предметот познат во јавноста како „Секјуриком“, денеска го повика авторот на објавеното интервју на Призма, исто како и лицето В.Г. обвинет во предметот, соопштија од обвинителството.

Во насока на расчистување на фактите, новинарот даде исказ по однос на наводите во текстот дека располага со имиња на лица кои изнудувале пари од обвинетиот. Во дадената изјава во обвинителството, авторот истакна дека освен објавените тврдења не располага со друг доказен материјал за наводите на обвинетиот. 

Со цел да се испитаат ваквите тврдења, обвинителот ја запозна одбраната на обвинетиот со содржината на интервјуто и побара да достави докази и информации што ќе помогнат во утврдување на вистинитоста на наводите.

Адвокатите на обвинетото лице потенцираа дека се запознаени со тврдењето на обвинетиот, но конкретни имиња не биле посочени од страна на обвинетиот во ниту еден момент додека престојувал во Република Македонија. При тоа, адвокатите го советувале, доколку е сигурен во тврдењата да пријави до надлежните органи, но, обвинетиот одбил тоа да го стори. – пишува во соопштението од обвинителството.

Во текот на истражната постапка што се водеше за предметот „Секјуриком“, надлежниот обвинител, велат оттаму, ги сослуша осомничените и сите одговорни лица во својство на сведоци.

Дадениот исказ на обвинетиот, според обвинителството, не укажува на ниту една околност наведена во интервјуто, односно дека тој или било кој од управителите на фирмите во негова сопственост биле жртви на изнуда во Република Македонија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.