ОК на ВМРО - ДПМНЕ Кавадарци го потсети актуелниот градоначалник дека е на функција поради нив а не поради себе и дека го бранеле кога СДСМ го апсел во предизборието

Објавил: Мирко Бачиќ | 28 ноември, 2018 6:44

Сопартијците гневни на Јанчев, се повикува на транспарентност а се крие по хотели

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

По потврдата за средба помеѓу Јанчев и Никола Тодоров од една страна со Заеви од друга на тема обид за притисок врз нови пратеници за поддршка на уставни измени, се огласија од ВМРО – ДПМНЕ.

Имено Јанчев е доскорашен потпретседател на партијата а и актуелен градоначалник кој мандатот го доби на име на партиската кандидатура.

Општинскиот комитет на ВМРО – ДПМНЕ Кавадарци се оградува од изјавите на градоначалникот Митко Јанчев и најостро ги осудува неговите активности во делот на обезбедување на двотретинско мнозинство за уставни измени и за спроведување на штетниот, капитулански и асиметричен договор со нашиот јужен сосед. – соопшти ОК на ВМРО – ДПМНЕ од Кавадарци.

Од ОК на ВМРО-ДПМНЕ велат дека ги почитуваат одлуките на партиските органи и нивниот јасно изразен став за не менување на Уставот со цел промена на уставното име.

Истовремено велат дека го потсетуваат градоначалникот дека тој мора да ја почитува волјата на мнозинството граѓани, кои недвосмислено на 30-ти септември го искажаа својот став и застанаа против промена на Уставот, а со тоа и промена на уставното име. ОК на ВМРО – ДПМНЕ целосно го поддржува претседателот Христијан Мицкоски во неговите напори за евроатланска интеграција на Македонија и влез во овие структури под Уставното име.

Го повикуваме градоначалникот Јанчев да се приклучи на протестот, заедно со неговите соборци од локалните избори, со луѓето кои стоеја рамо до рамо со него, кога оваа инсталирана хунта на власт го апсеше како кандидат за градоначалник на ВМРО – ДПМНЕ.

Јавно го прашуваме градоначалникот, кои се опструкциите што ги прави претседателот Христијан Мицкоски и во која насока е неговата „конструктивност“ заедно со поранешниот министер Никола Тодоров?

Доколку се повикувате на транспарентност во носењето на уставните амандамани, од каде ви е потребата да се договарате со фамилијата Заеви во хотел, далеку од очите на јавноста?

И за крај сакаме да го прашаме Митко, дали се консултира со граѓаните кои и покрај големите притисоци од страна на неговиот сегашен пријател, аболицираниот криминалец Заев, го дадоа својот глас за него како кандидат на ВМРО – ДПМНЕ. После овие постапки на градоначалникот, Општинскиот комитет во наредниот период ќе направи темелни анализи, и ќе донесе соодветни одлуки за делувањето на партијата на локално ниво. – стои во соопштението.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.