Генералниот Секретар на НАТО, со политички изјави дека ни ЕУ ни НАТО нема да прифатат преговори за Македонија ако не се извршат Уставни измени и промена на името

Објавил: Мартин Попоски | 3 октомври, 2018 8:58

Столтенберг јасен, нема во НАТО и ЕУ ако не сте Северна Македонија

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Јенс Столтенберг, очигледно не го разбира постоењето на организацијата која ја претставува, па даде цинична и непромислена изјава која е повеќе од јасна дека воениот сојуз нема интерес од Македонија ако не е Северна.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во интервју за “360 Степени”, снимено во Брисел, одговараше на прашања за исходот од референдумот, очекувањата во следниот период, улогата на ВМРО – ДПМНЕ, пораката до гласачите што се испраќа преку средбите на меѓународните претставници со Мицкоски, опцијата за предвремени избори.

Генералниот секретар на НАТО како и повеќето политички претставници има проблем со математиката па го оцени референдумот за успешен.

Го поздравувам фактот што толку многу граѓани гласаа “за” на референдумот, повеќе од 90 отсто од оние што излегоа да гласаат. Но, кога станува збор за начинот за напредување, тогаш за тоа не треба НАТО да решава туку владата и парламентот во Скопје. Не е моја работа да навлегувам во внатрешен, политички и демократски процес на вашата земја. Она што можам да го кажам е дека доколку договорот за името со Грција биде целосно имплементиран, тогаш ние сме подготвени да ве примиме како 30 земја-членка на НАТО.

Ќе можеме рано догодина да го потпишеме пристапниот протокол и од тогаш ќе можете да учествувате на состаноците на НАТО и се надевам дека тоа ќе се случи зашто тоа би било добро за целиот регион, за НАТО, но и за ПЈР Македонија зашто ќе се договорите за прашањето за името и ќе станете полноправна членка на Алијансата. Истовремено, важно е јасно да кажам дега нема друг, алтернативен начин за влез во НАТО освен преку имплементирање на договорот за името. Оттука, ако договорот за името не биде имплементиран, тогаш нема да станете членка на НАТО, а истата порака јасно ја кажа и ЕУ. Така што, единствен начин да станете полноправна членка на меѓународната заедница, на НАТО, е да го имплементирате договорот за името.

Столтенберг не сака или не може да разбере зошто референдумот за промена на името наиде на бојкот. Иако политичките партии и 2/3 од електоратот јасно кажа дека делот за ЕУ и НАТО членство го поддржуваат со над 84 отсто.

Видов обиди да се каже дека има друга алтернатива освен НАТО и ЕУ. Нема алтернатива. Бидејќи видовме, од изминатите години, дека ПЈР Македонија не беше во можност да напредува поради спорот за името. Прифаќам и разбирам дека спорот за името е чувствителен, но во исто време, единствен начин да се стане член е со постигнување на договор со вашиот сосед Грција. Поради тоа, го поздравувам договорот за името, почитувајќи дека ова е чувствително и тешко, бидејќи знам дека целосна имплементација на договорот за името е единствениот начин земјата да стане членка на НАТО. И ЕУ стави јасно до знаење дека договорот за името со Грција е предуслов за членство.  

Генералниот секретар на НАТО со јасен став, или направете уставни реформи или никогаш нема да сте членки ни на ЕУ ни на НАТО.

Повторно, ќе бидам внимателен да не почнам да коментирам како Скопје да ги организира домашните демократски процеси. Тоа е работа на политичарите, на граѓаните, на владата во Скопје да одлучат. Тоа не е за мене или за НАТО. Единственото нешто што јас можам да го кажам е што ќе се случи, кога станува збор за членството во НАТО.  Ако го имплементирате договорот тогаш ќе станете членка а ако не го имплементирате договорот тогаш нема да станете членка. Но, на крајот на денот, граѓаните на земјата, лидерите на земјата се оние коишто треба да ги донесат тие одлуки и јас апелирам да работат заедно, на конструктивен начин за да ја зграпчат оваа исторска можност. Можност која се случува еднаш во животот, вашата земја да стане полноправна членка. Не знаеме кога и дали воопшто ќе се укаже слична можност.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.