Ова е Див запад, не е правна држава

Објавил: admin@magazin | 10 април, 2019 9:13

Таткото на Фросина гневен: Ќе барам правда за моето дете додека сум жив

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Четири години родителите на Фросина Цековска од Крива Паланка ја бараат правдата низ судовите и на секое судење ја преживуваат болната судбина на ќерка си соочувајќи се со обвинетиот за сообраќајката во која на пешачки премин беше прегазена младата студентка, вели таткото на девојката Љупчо Цековски, во интервју за Независен.

Веста дека Апелацискиот суд одлучил да му ја намали затворската казна на обвинетиот Љубиша Видојковиќ на три години ја разгневи цела јавност, но на семејството му ја запечати болната вистина дека засега нема правда за нивната ќерка.

Таткото на Фросина, Љупчо Цековски, сепак не се откажува и вели дека ќе бара правда додека е жив.

„Јас ќе барам правда додека сум жив. Ова е Див запад, не е правна држава“, вели таткото на студентката. Цековски уште се сомнева дека обвинетиот не е вистинскиот возач кој седел зад воланот на „хондата“. Во една изјава за медиумите, тој тврдеше дека вистинскиот сторител го штитат моќни луѓе во државава.

Предизвикувањето сообраќајна несреќа во која ќе загинат луѓе е тешко кривично дело за кое според Кривичниот законик се добиваат од една до пет години затвор.

Според статистиката на МВР и податоците на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, пред девет години, на македонските патишта биле загубени 133 животи, а лани 129. Последната бројка беше оценета и како позитивен резултат за земјава, особено ако се спореди со претходните две години, кога имаше 165, односно 155 жртви, или со 2013, која била најлоша во последниов период, со 198 жртви. Севкупно тоа значи дека состојбата се вратила на истото ниво како и пред една деценија.

Европската комисија деновиве го издаде извештајот за жртви во сообраќајни несреќи во Европската унија во 2018 година, според кој вкупно во унијата загинале 25.100 лица во сообраќајни несреќи, или 49 жртви на еден милион жители. Македонскиот просек е 65 жртви на милион луѓе, со што е за 32 отсто повисока од европскиот просек.

Според анализите на БИР, судските пресуди од една година, од кои може да се види дека судовите исклучително ретко доделувале повисоки казни од две години. Во најголем број случаи, сторителите биле осудувани условно или до една година. Мали казни имало и за оние што усмртиле пешаци додека возеле под дејство на алкохол, па дури и за возачи што откако прегазиле пешак избегале во друг град и ги сокриле автомобилите.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.