Пред Уставниот суд денес е историска одлука, дали ќе ги прифати иницијативите за разгледување, по што прашање е како ќе гласаат судиите, од што зависи референдумот

Објавил: Мирко Бачиќ | 19 септември, 2018 8:00

Уставен одлучува за референдумот

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Од денешната седница на Уставниот суд ќе зависи судбината на референдумот за договорот со Грција кој треба да се одржи по 11 денови, односно на 30 септември.

Пред девет уставни судии утрово ќе се најдат поднесените иницијативи на партијата „Левица“ и на Светскиот македонски конгрес, со кои се бара поништување на одлуката за рефередум и времено да бидат стопирани активноситите поврзани со референдумот.

Судот може да ја прифати или отфрли иницијативата, или пак, да прогласи за ненадлежен.

Известител е судијката Елена Гошева и неофицијално, таа во рефератот предлага Уставниот суд да поведе постапка за преиспитување на уставноста на одлуката.

За Левица спорни се референдумското прашање, ратификацијата, како и видот на референдумот.

„Бараме од Уставниот суд донесената Одлука за распишување на референдум да ја прогласи за противуставна и противзаконска и како таква истата да ја поништи. Уставниот суд треба да изрече и времена мерка на итно запирање на активностите планирани во врска со организирање и спроведување на референдумот“, велат од Левица.

Денеска девет уставни судии ќе одлучуваат дали ќе поведат постапка за оценка на уставноста на одлуката. Доколку биде прифатена, ќе оди на гласање.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.