Златко Марин крева раце од обидот да ја запре градбата, Етеми најавува дека објектот сепак ќе биде реализиран, Уставен суд предметот го "влечкал" година и пол по фиоки

Објавил: Мирко Бачиќ | 29 октомври, 2018 6:29

Уставен суд ќе го оценува планот за деветкатницата пред “Мајчин дом”

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Уставниот суд во среда ќе ја оценува законитоста на планот во Аеродром со кој е предвидена деветкатницата пред „Мајчин дом“.

Одлуката за донесување на деталниот урбанистички план за градска четврт И 10 во Општина Аеродром, плански период 2016 – 2021 година е осма точка на дневниот ред за седницата на Уставниот суд во среда.

Градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин во неколку наврати досега посочи дека единствено Уставниот суд може трајно да ја сопре изградбата на деветкатницата пред „Мајчин дом“ со оценување на законитоста на планот и негово поништување.

Марин му замери на Уставниот суд кој со месеци не расправал по претставката од Аеродром за планот И 10.

Планот беше донесен во април минатата година, без јавна дебата и со бројни забелешки од жителите.

Овој план на просторот пред „Мајчин дом“ предвиде изградба на деветкатница. Аеродромци се кренаа на протести пред две недели кога инвеститорот Фатмир Етеми го огради градилиштето и почна со подготовки за градење на деветкатницата откако добил одобрение за градење од Општина Аеродром.

На барање на жителите Општина Аеродром изминативе две недели преговараше со инвеститорот за трајно стопирање на градбата.

Се разговарало за обесштетување со одобрување на нова локација или пак со пари. Нова соодветна локација не успеале да најдат ниту во Аеродром ниту пак пошироко на територија на Град Скопје, а обесштетување со пари би чинело 8 – 11 милиони евра.

Инвеститорот Етеми изјави дека Општина Аеродром нема пари во буџетот за обесштетување со пари.

Најави дека ќе продолжи со градење откако ќе се обиде на граѓаните да им објасни дека новиот објект нема да го загрози Аеродром.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.