Информациите дека Јакимовски бил на средби со челници на ДУИ и тоа во Собранието на Македонија, минатиот петок, од страна на претседателот на ГРОМ се премолчуваат

Објавил: Мирко Бачиќ | 25 октомври, 2018 7:59

Јакимовски во петокот бил уценуван во Собранието од ДУИ?

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Во петокот на денот на гласањето за почетокот на уставната процедура во Собранието се случила тајна средба меѓу двајца од највисокот раководство на ДУИ и лидерот на ГРОМ Стевче Јакимовски.

Претседателот на ГРОМ дури бил внесен и во собранието од влез кој не е достапен за јавноста а средбата траела од 18 до 19 часот, тврдат извори во ДУИ кои велат дека разговорите со Јакимовски биле конструктивни но дека тој не попуштил на барањата на двајцата високи претставници на партијата.

На средбата од Јакимовски било барано тој да го убеди пратеникот на ГРОМ Панчо Минов да гласа за уставните промени а за возврат да бидат избришани сите кривични пријави за него и за неговите соработници од општина Карпош.

На средбата која според информациите била организирана од ДУИ а на барање на Заев, претседателот на ГРОМ изјавил дека останува на својата позиција против Преспанскиот договор, дека тој е штетен и дека од Минов ќе бара да гласа против уставните измени.

Според информациите  од собранието на половина од состанокот еден од двајцата високи претставници на ДУИ излегол од средбата и се сретнал со претседателот на СДСМ Заев кој бил во Собранието, по што се вратил на состанокот со нова понуда за соработка со Јакимовски и ГРОМ но тој ја одбил и таа понуда по што состанокот завршил а пратеникот на ГРОМ Панчо Минов по неколку часа гласаше против уставните измени.

Извори во обезбедувањето на Собранието велат дека влезот на Јакимовски во Собранието мора да е заведен во извештаите за влез и излез но дека не знаат зошто оваа средба се криела од јавноста.

Претседателот на ГРОМ Јакимовски не одговара на пораките со прашања во врска со овој настан.

По Социјалистичката партија која има три пратеници, ГРОМ е втора по големи партија во коалицијата на ВМРО – ДПМНЕ која во законодавниот дом е застапена со 2 народни избраници.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.