Костадиновска Стојчевска најави дека ќе ја тужи Арсовска откако таа вчера праша зошто ако министерката знаела за пожарот, истиот не го пријавила

Објавил: Калина Мартинска | 17 април, 2024 17:00

Mинистерката за култура ќе ја тужи градоначалничката за клевета, Арсовска не се плаши

Фото/Текст извор: ©sitel.mk

Пожарот во Универзална ги запали односите меѓу Град Скопје и министерството за култура.

Костадиновска Стојчевска најави дека ќе ја тужи Арсовска откако таа вчера праша зошто ако министерката знаела за пожарот, истиот не го пријавила.

Сите обвинувања ги нарече лаги, скандалозни тврдења и манипулација.

„Очигледно вчера некој влезе во повеќе улоги, во МВР, обвинителство…затоа за обвиненијата лично кон мене и клеветите со неа ќе се видиме на суд. Нема да дозволам Универзална сала да биде цел на дневно-политички препукувања, ниту да биде тема во изборната кампања на Арсовска за нејзино медиумско појавување“ – Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура.

Министерката рече дека Арсовска сака да го сокрие сопствениот неуспех оти изгубила судски спор за одложената реконструкција на Универзална што граѓаните ги чини 20 милиони денари.

На прес-конференција покажa неколку документи меѓу кои и мислење од ИЗИИС за безбедноста којa градоначалничката ја доведе во прашање.

„Ова е решение за реконструкција со наведена целосна документација. И еве го мислењето за механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита, издадено од ИЗИИС. 02.11.2021 година. Никаде во документацијата не стои дека тоа е одбиено или поништено. Апсолутно никаде. Ова е непосредно после локалните избори, што значи дека е прибавено од нејзина страна и потпишано и платено од нејзина страна“ – Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура.

Арсовска возврати – вели не сум потпишала документи за почеток на реализација на овој проект.

„Позитивното мислење за сеизмичката заштита е укинато од страна на ИЗИС на 02.11. и покрај тоа што министерката сакаше да каже дека тогаш јас сум била градоначалник, за жал не и е добро пренесено на кој ден имам стапено на оваа функција и кога сум осознала за тој договор. Ние укажувавме две години дека по тој проект кој некој друг го примил во градот Скопје во 2021 година во месец март, по којшто распишал јавна набавка и отпочнал со реализација е увидено уште во првиот месец на отпочнување со работа дека е невозможно да се работи“ – Данела Арсовска, Градоначалничка на Град Скопје.

Градоначалничката истакна дека не се плаши од заканите за тужба и уште еднаш ги повтори прашањата од вчера. Најави секојдневни прес-конференции се додека, како што рече, не добие одговор на сите прашањата за реконструкцијата на Универзална сала.

Прочитај повеќе:

Обвинителството започна истрага за пожарот во Универзална

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.