Трамп ги обвини медиумите дека не известуваат за неговите успеси во однос на помирување на конфликтните страни потсетувајќи на неговото посредување меѓу Србија и Косово, како и меѓу Израел и арапските земји.

Објавил: Катерина Крстиќ | 30 септември, 2020 21:15

Трамп: Лидерите на Србија и Косово се прегрнуваа во Белата куќа

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

На предизборниот митинг во сојузната држава Пенсилванија, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека лидерите на Србија и Косово се прегрнувале во Белата куќа кога постигнале договор за нормализирање на економските односи.

Американскиот претседател Доналд Трамп е номиниран за Нобелова награда за мир, од Кристијан Тибринг-Гjеде, десничарски пратеник во норвешкиот парламент. Трамп беше вклучен во постигнувањето мировен договор меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати во август.

Трамп ги обвини медиумите дека не известуваат за неговите успеси во однос на помирување на конфликтните страни потсетувајќи на неговото посредување меѓу Србија и Косово, како и меѓу Израел и арапските земји.

– Косово и Србија се убиваа многу години, тие само се убиваа, не се сакаат, како Израелците и Палестинците. Ние тргуваме со двете страни, така што имаме одредена моќ. Им реков, ајде да склучиме договор и да создадеме економски мир и мир воопшто. Дојдоа во мојата канцеларија да потпишат. Тие се прегрнаа, беше прекрасно да ги видам. Спасивме многу животи, рече синоќа Трамп.

На минатонеделниот предизборен митинг во Северна Каролина, Трамп, исто така, рече дека ја заслужува Нобеловата награда за мир затоа што успеа да запре „масовни убиства меѓу Србија и Косово“.

– Сигурен сум дека следното е Нобелова награда за мир. Ние ги запираме масовните убиства меѓу Косово и Србија. Тие се убиваа толку многу години. Тие ќе престанат да се убиваат. Знаете, тоа го правеа стотици години, иако под различни имиња, рече Трамп пред десетина дена.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти на 4 септември, во Белата куќа, се обврзаа дека ќе ги нормализираат економските односи.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.