Во ревизорскиот извештај се нотира дека додатоците на плата за 2015 година коишто се предвидени за јавниот обвинител и јавните обвинители во ова обвинителство, го надминуваат износот на исплатените средства за основната плата по лице.

Објавил: Катерина Крстиќ | 29 септември, 2020 17:49

Државниот завод за ревизија потврди- Јавните обвинители во СЈО земале повеќе пари од предвиденото

Фото/Текст извор: ©МИА.мк

Државниот завод за ревизија констатирал дека во Специјалното јавно обвинителство износот на исплатените додатоци за 2015 година го надминува износот на исплатените средства за основната плата по лице. Ревизијата, како што соопшти ДЗР, констатирала дека за периодот јануари 2016 до септември 2019 година по основ на надоместоци за почитување на принципот на тајност и за посебна заштита на приватност исплатени се средства во вкупен износ од 282.896 илјади денари за кои ревизијата не обезбеди соодветен законски критериум, објави МИА.

На барањена ОЈО за организиран криминал и корупција ДЗР изврши ревизија на усогласеност на тема „Плати и додатоци на плати и други надоместоци во ЈО за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“. Извршената ревизија се однесува на периодот 2015-2019 година .

Во ревизорскиот извештај се нотира дека додатоците на плата за 2015 година коишто се предвидени за јавниот обвинител и јавните обвинители во ова обвинителство, го надминуваат износот на исплатените средства за основната плата по лице.

СЈО беше формирано на 15 септември 2015 со усвојувањето на Законот за формирање на ова обвинителство и со изборот на Катица Јанева за Специјален јавен обвинител од страна на Советот на јавни обвинители на РМ. СЈО требаше да има мандат од пет години, но поради скандалот со случајот Рекет во кој беше вмешана и шефицата на СКО, Катица Јанева, неговата кариера заврши многу порано. Главна задача на СЈО беше да ги истражува и гони можните злоупотреби кои произлегуваат од прислушкуваните материјали во периодот од 2009 до 2015 година.

Ваквата констатација, како што посочуваат од ДЗР, е резултат на извршените детални тестирања на доставената документација, како и анализата на податоците од деловните книги. Во предвид се земени и интерните акти донесени од страна на јавниот обвинител, односно Правилникот во кој се утврдени додатоците во апсолутни износи.

Правото на додаток на плата на јавниот обвинител и јавните обвинители во СЈО е уредено со член 14 од Законот за СЈО, согласно кој утврдени се додатоци на плата и тоа: додаток за посебните услови за работа, додаток за постоење на висок ризик и додаток за доверливост.

Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители од декември 2015 година, уредено е дека вкупниот износ на висината на додатоците не може да изнесува повеќе од 35 проценти од основната плата на јавниот обвинител, додека за висината и начинот на утврдување на додатоците, потребно е јавниот обвинител да донесе посебен акт.

Ревизорските наоди кои се однесуваат на остварувањето на правото на други надоместоци произлегуваат од прибавени информации кои имаат степен на класификација поради што ДЗР согласно член 29 од Законот за државната ревизија изготви посебен извештај, согласно Законот за класифицирани информации, а висината на исплатените средства по овој основ изнесуваат 282.896 илјади денари.

–Врз основа на извршената ревизија, утврдивме дека остварувањето на правото на плата, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата се во согласност, во сите материјални аспекти. Со релевантната законска регулатива и интерните акти, стои во заклучокот на ДЗЕ за извршената ревизија.

Ревизорите исто така утврдиле дека освен додатоците на плата за 2015 година, остварувањето на правото на додатоците на плата, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти.

Во однос на остварувањето на правото на другите надоместоци, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата утврдивме дека истите не се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти, се наведува во соопштението од ДЗР.

МИА

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести