Третоосомничениот Новачевски е изведен пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд во Скопје, а Обвинителството му предложи на судот на осомничениот да му биде определена мерката притвор.

Објавил: Владо Марин | 19 октомври, 2020 12:43

ГРУЕВСКИ СИ КУПУВАЛ ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО ЗА СЕБЕ СО ПАРИ ОД ДОНАЦИИ ЗА ПАРТИЈАТА, ТВРДИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО

Фото/Текст извор: ©Магазин.мк

Шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска кажа дека не е побарано замрзнување на сметките на Груевски, бидејќи ги испразнил пред да избега во Унгарија. Таа рече и дека повторно ќе иницира екстрадиција на Груевски, откако унгарските власти не го испорачаа за организацијата на 27 април 2017 година, пишува Сдк!

Избеганиот премиер Никола Груевски незаконски си присвоил најмалку 1,3 милиони евра од донациите за ВМРО-ДПМНЕ додека бил претседател на партијата и потоа со тие пари си купувал плацеви на Водно, велат од Обвинителството за организиран криминал за истрагата за Перење пари во која утринава беше уапсен неговиот кум Ристо Новачевски.

Според истрагата, на првоосомничениот Груевски во перењето на нелегално стекнатите пари му помагале Сашо Мијалков и Орце Камчев, кои се второосомничен и четвртоосомничен!

На прашање што ќе им порача на унгарските колеги, кажа: „Не знам и неговото испорачување од Унгарија дали зависи од колегите”.

Според истрагата, првоосомничениот Груевски во периодот од 2006 до 2012 година дел од донациите за финансирање на партијата ги примал лично и не ги прикажувал како примени донации во финансиските извештаи на партијата и на тој начин присвоил најмалку 1.300.360 евра или 79.972.140,00 денари. Потоа, во периодот од октомври 2012 до септември 2013 година, тие пари тој ги пуштил во оптек купувајќи градежно земјиште на Водно преку фирма-ќерка на фирма од Белизе. Управител на фирмата-ќерка бил Новачевски!

Парите од донациите, прибавени со кривично дело Затајување, биле префрлани на сметката на фирмата-ќерка и потоа Новачевски со тие пари им плаќал на сопствениците на земјиштето за да се скрие изворот на парите и вистинскиот сопственик на земјиштето со вкупна површина од 11.000 метри квадратни, покажа истрагата.

Во периодот од 20 јули 2015 до 26 јуни 2019 година, по јавно објавените разговори кои ја откриваат сопственоста на градежните парцели во КО Центар 2, со цел да се прикрие вистинскиот сопственик третоосомничениот како управител на правното лице, ја пренел сопственоста на друго правно лице. Тој, по претходен договор со првоосомничениот, користејќи полномошно издадено од сопственикот на правното лице од Белизе ја пренел сопственоста на правното лице чиј управител е петоосомничениот, а шестоосомниченото лице се јавува како краен сопственик на правното лице. За да се прикрие локацијата, движењето и сопственоста на имотот ‘новите сопственици’ донеле одлука за преименување на правното лице и одлука за физичка делба на парцелата од 6.785м2 на три нови парцели.За да ја прикријат локацијата и сопственоста плацовите биле пренесени на физичко лице без платен удел, но со определен рок од 3 години за исплата на купопродажната цена“, се вели во соопштението на Обвинителството за организиран криминал.

Неофицијално, наредбата за истрага ја потпишала обвинителката од „Империја” Лиле Стефанова, која веќе го имала случајот со купувањeто на плацевите на Водно. Целата шема на кривичното дело перење пари таа ја слушнала во бомбите, а сега преку Обвинителството за организиран криминал ги нашла само материјалните докази, бидејќи прислушуваните разговори веќе не се доказ во постапките.

Третоосомничениот Новачевски е изведен пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд во Скопје, а Обвинителството му предложи на судот на осомничениот да му биде определена мерката притвор.

За останатите четворица осомничени, Ненад Јосифовиќ, Сашо Мијалков, Орце Камчев и мајка му Ратка Камчева, судот веќе има изречено превентивни мерки за обезбедување на присуство во други предмети, а првоосомничениот Груевски е недостапен на органите на прогон, откако доби азил во Унгарија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести