Се шпекулира дека неговото место во Врховен суд е загарантирано. Тоа би значело дека Енвер Беџети ќе биде избран од Судскиот совет во Врховен суд.

Објавил: Перо Милчин | 22 декември, 2022 7:32

Судија од Апелација кој го ослободи Мијалков со укинување на пресудата, на чекор да стане врховен судија

Фото/Текст извор: ©a1 on

Енвер Беџети, еден од петте судии кои одлучија „Таргет-тврдина“ да се суди одново, со тоа го ослободија Сашо Мијалков, а нивниот потпис значи и застарување на предметот, сака да биде Врховен судија, дознава „А1он“.

Тој поднел документи до Судскиот совет, од каде беше распишан оглас за овој суд. Беџети е судија известител и во предметот „Транспортер“, втор предмет за кој Судскиот совет побара да се испитува по однос на тоа зошто носењето на одлуката се одолговлекуваше.

Тој треба да отиде и на интервју, пред да се донесе конечната одлука дали ќе добие унапредување во кариерата и покрај бурните реакции за донесената одлука по однос на предметот за масовното прислушување кое е на пат да биде третото кое останало неказнето.

Во портфолиото на судијата Беџети, кој е известител и за други големи предмети, стои дека Правен факултет завршил во Приштина. Работното искуство го започнал како секретар во Општина Боговиње, па бил управител на приватна фирма.

Секретар бил и во Тетовскиот универзитет, па од адвокатските запловил во судските води. Првпат, судија станал во Кривичниот суд во Скопје во 2010 година.

Две години подоцна бил избран за судија во скопска Апелација каде постапувал по граѓански предмети, а потоа и по кривични како што е предметот каде со негов глас беше ослободен Мијалков.

Иако суди 10 години во Апелација, а сега сака да биде Врховен судија, пошироката јавност не знае ниту како изгледа судијата Беџети. Негова фотографија нема ниту на веб-порталот на Апелација. „А1он“ се обиде да дојде до негов контакт од судско-адвокатското кругови, но безуспешно, поради што останаа неодговорени низа прашања за желбата да напредува во кариерата по силните критики од јавноста.

Се шпекулира дека неговото место во Врховен суд е загарантирано. Тоа би значело дека Енвер Беџети ќе биде избран од Судскиот совет во Врховен суд.

Потврда за овие информации може да се добие само од гласањето кое треба да се закаже и одржи по интервјуата кои се спроведуваат.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.