СЈО одамна нема ингеренции за нови предмети, кои по законскиот рок достигнаа цифра од над 15, сега на ред е пазарење за ново 2/3 мнозинство за статусот на СЈО и Катица Јанева

Објавил: Мартин Попоски | 29 ноември, 2018 15:07

СЈО полека губи мандат, Заев ќе “брка” нови 80 пратеници за Јанева

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Специјалното јавно обвинителство, кое беше формирано за да го истражи масовното прислушување, може да остане без својата основна надлежност поради која се создаде, објавува Независен.

Оваа можност произлегува од изјавата на министерката за правда Рената Дескоска, која на еден од своите јавни настапи во Владата рече дека работните групи подготвуваат две опции за да се реши понатамошното функционирање на СЈО за што е потребно двотретинско мнозинство кое власта го нема.

Тоа значи дека за да се реши статусот на СЈО, поддршка треба да дадат и пратениците од ВМРО – ДПМНЕ, чии поранешни високи функционери, но и дел од сегашните, се обвинети во случаите кои произлегоа од масовното прислушување.

Дескоска е свесна дека за оваа институција некои од пратениците можеби ќе имаат предрасуди при гласањето, па работните групи подготвиле две опции за кои се преговара со претставници од парламентот за да се обезбеди потребната поддршка.

Дескоска вели дека определбата на Владата е Специјалното јавното обвинителство да прерасне во траен орган, кој ќе се занимава со гонење кривични дела поврзани со висока корупција или корупција од високи државни функционери.

Но во својата изјава Дескока остава простор, доколку нема политичко расположение за продолжување на сегашната активност на СЈО, Обвинителството да остане орган кое ќе гони само висока корупција.

Нашата најпожелна варијанта е да воспоставиме траен орган кој ќе си ја продолжи првин надлежноста што ја има сега, но со додавање на дополнителната надлежност, гонење висока корупција. Секако, тоа ќе биде предмет на консултации. Другата варијанта е, ако нема простор и политичко расположение за продолжување на моменталната активност на СЈО, во тој случај да се земе другата надлежност, гонење на корупцијата. – рече Дескоска.

На 13 ноември на ЕНЕР осамна најава за нов предлог закон за Специјалното јавно обвинителство. Овој предлог е во подготовка и од Министерството за правда не откриваат што содржи овој закон и дали со него ќе се реши автономијата и надлежноста на СЈО.

Како власта планира да го реши ова прашање не знаат ниту граѓанските организации што ги следат реформите во судството. Тие велат дека не се вклучени во изработката на овој предлог закон и не знаат што ќе содржи. Според нив, СЈО треба да остане финансиски автономна институција.

Сепак, сите закони што се клучни за судството и кои треба да го трасираат патот кон Европската Унија се носат со двотретинско мнозинство и на крајот клучно за нив е пазарењето меѓу власта и опозицијата.

Специјалното јавно обвинителство повеќе од една и пол година не може да покренува обвиненија бидејќи истекоа осуманесетте месеци од преземањето на прислушуваните материјали.

Сепак, СЈО води предистраги и истраги поднесува обвиненија за предмети кои се преземени од редовното јавно обвинителство. Расчистување и одговорност за масовното прислушување во Македонија е еден од условите за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести