Вице Заев за 44.000 евра купил три парцели од општина Кавадарци со вкупна површина од околу 1.800 метри квадратни на кои е превидено да се гради станбен комплекс

Објавил: Мартин Попоски | 9 декември, 2018 8:39

Вице Заев ќе гради во Кавадарци, Јанчев му дал три топ локации во вредност од еден стан?

Фото/Текст извор: ©lider.com.mk

Очигледно соработката помеѓу Заеви и поранешниот потпретседател на ВМРО – ДПМНЕ, актуелен градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, не била само на политички план.

Компанијата „Тотал инженеринг“ во која единствен сопственик е Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев, добила 3 градежни парцели на атрактивна локација во Кавадарци на која ќе гради комлекс на стамбени згради.

Цената која Вице ја платил на државата за да го откупи земјиштето на оваа атрактивна локација е толку ниска, што може да се отплати само со продажба на еден стан, пренесува Економски Лидер.

Градежната експанзија на Заеви во Кавадарци уште еднаш го потврдува новото сојузништво помеѓу градоначалникот Јанчев од ВМРО – ДПМНЕ и премиерот од СДСМ, Зоран Заев.

Компанијата на Заеви, парцелите ги купила на јавно надавање во општина Кавадарци, но симптоматично е тоа што на ова јавно наддавање не учествувала ниту една друга компанија, иако, во Кавадарци има десетици фирми кои биле заинтересирани за локацијата.

Кавадаречкиот градоначалник изјави дека ќе му помага на премиерот во борбата против опструкциите на уставните измени кои ќе ги прави претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.

Стамбениот комплекс кој ќе го гради „Тотал инженеринг“ во Кавадарци, се наоѓа во близина на клиниката во градот, покрај обиколницата и реката „Луда Мара“.

Сите парцели се купени на 05 јуни 2018 година, на неколку месеци пред разрешувањето на Митко Јанчев од функцијата потпретседател на ВМРО – ДПМНЕ и официјалното обзнанување на “коалицијата“ Заев-Јанчев.

Како што неофицијално дознаваме, Јанчев и партнерите на Заев од Кавадарци, на другите компании им велеле да не учествуваат за да немаат проблеми, па така за 3 парцели за изградба на згради, Вице Заев платил само 44.000 евра.

Цената по која компанијата на Заеви го купила земјиштето е 1.520 денари за еден метар квадратен.

Вкупната површина на парцелите е 1.784 метри квадратни, за нив на државата и се платени вкупно 2.711.680 денари (44.092 евра).

Ако се има предвид дека цената на становите во Кавадарци се движи од 600 до 750 евра за метар квадратен, излегува дека целата инвестиција во земјиштето на „Тотал инженеринг“ ќе му се врати само со еден продаден стан.

Сопствеништето врз сите три парцели, компанијата на Вице Заев веќе си го има внесено во катастар, со импотниот лист со број 18770.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.