Итна е потребата од подобрување на условите во студентските домови

Објавил: Узунов Бобан | 6 март, 2019 16:20

Во Тетово нов студентски дом, во Скопје студентските домови се распаѓаат

Фото/Текст извор: ©плусинфо.мк/магазин

Министерството за образование и наука за реконструкција и изградба на студентски домови и интернати одвоило 274 милиони денари во буџетот за 2019 година.

Додека секојдневно сме сведоци како студентските домови во Скопје кои што датираат од 60-те и 70-те години од минатиот век и каде има најголема концентрација на студенти секојдневно се распааѓаат, Владата ќе гради нов студентски дом во Тетово. Во Скопје каде е лоциран  најголемиот државен Универзитет Св. Кирил и Методија како и поголемите приватни универзитети како што се ФОН и Европски универзитет нема изградено нов студентски дом со децении, а за постоечките се прават само шминкерски реконструкции кои не го решаваат проблемот на студентите.

– Министерството за образование и наука секоја година предвидува буџетски средства за унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард, вклучително и за подобрување на условите во државните сместувачки капацитети наменети за учениците и студентите. Обезбедени се средства во износ од 141 милиони денари за почеток на изградба на целосно нов студентски дом во Тетово. Со 30 милиони денари ќе се изврши санација на дел од другите студентски домови, додека со 5 милиони денари ќе се набави мебел за најголемиот студентски дом „Гоце Делчев“ и тоа за преостанатите два од блоковите за кои не е набавен, а веќе во тек е испорака на набавен мебел за ученичките домови – велат од МОН. 

Оттаму додаваат оти на владина седница во јануари, разгледана била можноста за обезбедување техничка помош од Владата на СР Германија за реконструкција на студентските домови и во таа насока. 

– Министерството за образование и наука веќе работи на проценка, утврдување на потребите за реконструкции и нивната приоритетност. Дефинитивно, студентскиот дом „Стив Наумов“ е на листата со приоритетни објекти кои ќе подлежат на реконструктивни активности – нагласуваат од МОН откако вчера покрив од тоалет падна во соба во студентскиот дом „Стив Наумов“. 

За тоа каква е состојбата во студентските домови неодамна беше објавено видео од Студентскиот дом Стив Наумов на кое беше прикажана ужасната состојба во овој скопски студентски дом кое го приложуваме повторно во прилог. 

Познавачите на состојбите аплеираат дека решение за овој проблем е изградба на студентски дом со поголем капацитет по сите светски стандарди.  

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести