Во Кичево

Објавил: Калина Мартинска | 6 април, 2024 14:39

Гости од Вселенската патријаршија и Грчката црква во манастирот „Пречиста“

Фото/Текст извор: ©360stepeni.mk

Во посета на манастирот „Пречиста“ се митрополитот на Имврос и Тенедос, г. Кирил од Вселенската патријаршија и митрополитот на Дидимотика, Орестијада и Сулфи, г. Дамаскин, од Грчката православна црква.

Со традиционален и свечен манастирски пречек денеска во манастирот „Пречиста“ во Кичево беа пречекани високи претставници на Вселенската патријаршија и Грчката православна црква.

Во посета на манастирот се митрополитот на Имврос и Тенедос, г. Кирил од Вселенската патријаршија и митрополитот на Дидимотика, Орестијада и Сулфи, г. Дамаскин, од Грчката православна црква.

Пречиста, заедно со Бигорски и Рајчица, се три манастири под духовно водство на епископот Партениј. Тој, како што се наведува во соопштението на Бигорскиот манастир, им посакал топло добредојде на гостите во Пречиста и нивното доаѓање го оценил како одлика на вистинска црковна заедница.

„Дозволете ми, Свети Архиереи, до го искористам ова поздравно обраќање по повод првото доаѓање на високопреосвештениот митрополит г. Дамаскин кај нас, за да ја изразам својата длабока благодарност и почит за вашите напори, посветеност и поддршка во процесот на канонско признавање на возобновената Охридската архиепископија, кое го обзнани одлуката, полна со љубов и грижа, на неговата сесветост, патријархот на православните, г. г. Вартоломеј. Во ова ваше грижливо снисходење, ние гледаме дејство на Божествената благодат, којашто води кон исцеление и обновување на целокупното тело на Црквата. Вашите улога и придонес, нам добро познати, во таа историска одлука, се сведоштво за јасна црковна визија и за пастирската грижа кон Божјиот народ“, истакнал г. Партениј.

Високопреосветениот митрополит на Дидимотика, Орестијада и Сулфи, г. Дамаскин, кој првпат ја посетува овдешната монашка заедница, кажал дека се радува на можноста за заедно сослужување со г. Партениј.

„Морам да исповедам дека долго време имав силна желба да го сретнам драгиот брат Епископот Партениј, да го прегрнам и да сослужувам со него. Тој беше еден од првите браќа кои на една случајна средба ни ги објасни копнежот и тешкотиите на целиот тој потфат за востановување на евхаристиското општење на помесната црква со Вселенската патријаршија и со сестринските православни цркви. И оваа желба се исполни денес, благодарение на поканата што ја имав од ваша страна и поттикот на драгиот брат, високопреосветениот митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил, кој беше еден од протагонистите работници на Црквата на Константинопол за да се постигне посакуваното“, посочил г. Дамаскин.

Високите гости учествуваа на свечената прослава на Акатистот кон Мајката Божја Пресвета Богородица во Кичево, што всушност е манастирска слава на Пречиста.

Кичевски манастир (познат и како Манастир „Св. Богородица – Пречиста“ или Крнински манастир) е средновековен манастир во областа на градот Кичево. Сместен e на планината Цоцан, на десетина километри југоисточно од градот Кичево, на надморска височина од 920 м. Иако манастирот се нарекува Кичевски, тој сепак се наоѓа во атарот на село Манастирско Доленци. Само петстотини метри под денешниот манастир, некогаш се издигал Крнинскиот манастир, кој заедно со манастирот Свети Ѓорѓија во село Кнежино, биле центри на ширењето на христијанската мисла во овој дел од Македонија.

Манастирската црква „Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста“ е од типот на големи соборни цркви и е една од најголемите во Македонија. Во основа има базиликално решение, со висока купола и осмостран тамбур. Ѕидовите се од камен варовник и камен-бигор.

Најважно иконографско дело во Света Пречиста е чудотворната икона. Од една страна на неа е Исус Христос, а од другата страна е Богородица во прегратка со Христоса. Иконата во 1865 година ја ретуширал зографот Дичо Зограф, кој успеал целосно да ги сочува стилот и бојата. Во 2006 година чудотворната икона повторно е конзервирана. Се наоѓа на западната страна од наосот, во нејзиниот северен дел, во притворот, поставена на бигорен камен над изворот.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.