Граѓани и припадинци на Граѓанското движење против уставните промени „Македонија блокира“ синоќа пред домот на Мукоски, најавија посета и на Арнаудов и Василевски

Објавил: Мартин Попоски | 8 ноември, 2018 6:27

Граѓаните пред врата кај Мукоски, бараат објаснување

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Граѓани и припадинци на Граѓанското движење против уставните промени „Македонија блокира“ синоќа од пред домот на пратеникот Крсто Мукоски во Вевчани ги почнаа своите најавени протести.

Како што беше претходно соопштено, тие ќе се одвиваат пред домовите на пратениците од опозицијата кои гласаа за потребата од уставни измени.

Пратеникот Мукоски ги пречека демонстрантите кои ги покани во својот дом да разговараат. Дел од нив ја прифатиле поканата на Мукоски, а на останатите учесници полицијата не им дозволнила пристап.

Протестот е дел од кампањата на „Македонија блокира“. Демонстрантите пред домот на Мукоски пееја „Едно име имаме” и му порачаа да не го менува името на државата.

На протестот претставник на иницијативата го прочита писмото што му беше врачено на Мукоски во кое го повикуваат да не подлегне на притисоците, да ја смени одлуката и да не спроведува одлуки за кои нема добиено мандат од граѓаните.

И вас и нам ни е јасно дека македонскиот народ не поддржува вакво срамно и насилничко менување на името, бришење на АСНОМ, бришење на идентитетот и нашата културна и историска посебност. На референдумот народот си го кажа своето мислење и тој став вие сте должни да го почитувате. На сите ни е јасно дека бевте изложени на притисок и закани кои не успеавте да ги издржите. Дел од вас беа пуштени од домашен притвор самиот ден кога требаше да се гласа почеток на процедурата. Тоа го нема никаде на друго место во цивилизираниот свет. Државата со вакво владеење се претвори во пример за потсмев и секаде сме посочувани како „ненормална“ држава. Вие се уште имате можност да се издвоите и да се издигнете над сето тоа .– му беше соопштено на Мукоски, охрабрувјаќи го да ги сменат одлуките да не гласаат за уставните промени ветувајќи дека народот ќе ги чува.

Движењето најави дека писмо со иста порака во сабота ќе достават и до пратениците Сашо Василевски и Љубен Арнаудов во Охрид.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести