Криминална група од Македонија, за сума од 20 до 25.000 долари организирала илегален трансфер на граѓани од државата преку ЕУ и Доминиканската Република до САД и Канада

Објавил: Мартин Попоски | 7 октомври, 2018 10:50

Девет лица осомничени за шверцување мигранти во Северна Америка

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Јавното обвинителство на Република Македонија информира дека е издадена наредба за истражна постапка против девет лица осомничени за кривично дело организирање група и поттикнување извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и шверцување мигранти.

За седуммина од осомничените е определена мерка притвор, а за двајца мерки на претпазливост.

Како што информираат од Јавното обвинителство, во текот на првата половина од 2017 година тројца од осомничените од користољубие создале и организирале група за вршење кривично дело – шверцување мигранти.

Подоцна кон групата се приклучиле и другите осомничени. Групата во текот на 2017 година и првата половина од оваа година организирала комплетно патување од матичните земји преку земјите членки на Европската Унија и Доминиканската Република до САД и Канада како земји на крајна дестинација.

Осомничените како организатори на криминалната група, кога ќе оствареле средба со потенцијалните мигранти, ги врбувале и го договарале начинот на обезбедувањето и висината на паричниот износ, кој се движел од 20.000 до 25.000 американски долари за лице, а се исплаќал по пристигнувањето на крајната дестинација. – наведуваат од Јавното обвинителство.

Организаторите ги планирале бројот на лицата што ќе бидат шверцувани, временскиот период, рутата по која ќе биде реализирано патувањето и локациите на кои привремено ќе бидат сместени мигрантите во текот на шверцувањето.

За потенцијалните мигранти – македонски и албански државјани, кои не можеле да добијат регуларни визи од Амбасадата на САД, обезбедувале фалсификувани документи, со резервирање и купување авионски и автобуски билети, како и со резервирање и плаќање привремено сместување на мигрантите во хотели, мотели и хостели во земјите од рутата. – појаснуваат од Јавното обвинителство.

Ценејќи дека се исполнети законските услови, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за определување мерка притвор за сите осомничени. Судијата го прифати предлогот и со решение им определи мерка притвор на седуммина од осомничените, а на двајца мерки на претпазливост наведува ЈОРМ.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.