Договорот ќе биде потпишан утре меѓу владите на Република Македонија и на Република Грција во Псарадес на грчка страна од Преспанското Езеро, по што официјалната средба на двете делегации ќе продолжи на македонската страна на Преспа, во Отешево

Објавил: Македонка Димкин | 16 јуни, 2018 22:31

Договорот ќе го потпишат Димитров и Коѕијас под лупата на Метју Нимиц

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство меѓу владите на Република Македонија и на Република Грција ќе биде потпишан утре во Псарадес на грчка страна од Преспанското Езеро, по што официјалната средба на двете делегации ќе продолжи на македонската страна на Преспа, во Отешево, соопшти вечерва владината прес-служба.

Потписи на договорот ќе стават министрите за надворешни работи двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас, заедно со медијаторот во преговорите, амбасадорот Метју Нимиц.

Псарадес се наоѓа во јужниот дел на Преспанското Езеро во подножјето на планинскиот венец Галичица во близина на Лерин, наречен Сува Гора, на надморска височина од 850 м. Во близина на границата е Грциј со Р. Македонија и Албанија. Псаради се наоѓа на полуостровот, кој сам по себе има долг тесен залив, по кој лежи селото. Вкупната површина покрива 16 км2.

Делегацијата на Владата на Република Македонија на свечената церемонија на потпишувањето на конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, ќе ја преводи премиерот Зоран Заев. Во владината делегација ќе бидат и вицепремиерите – министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, министерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Македонската делегација во Псарадес ќе биде пречекана од грчкиот премиер Алексис Ципрас и шефот на дипломатијата Никос Коѕијас.
Предвидено е на свечената церемонија во Република Грција, обраќања да имаат премиерите Заев и Ципрас. Претставниците на владите на двете земји потоа заминуваат за Отешево каде што ќе биде одржана официјалната средба на двете делегации, ќе има билатерален разговор и свечен ручек.
На церемонијата во Псарадес и во Отешево ќе присуствуваат потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации Розмари Ди Карло, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и заменик-претседателка на Европската комисија, Федерика Могерини, како и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.