Предеметот “Титаник 2“ веројатно ќе биде уште еден од случаите во кои СЈО и политиката ќе си ги порамнат своите интереси

Објавил: Данаил Михајловски | 6 март, 2019 12:16

ДОЗНАВАМЕ: Мендух Тачи и Сашо Мијалков нема да бидат осудени за изборни нерегуларности!

Фото/Текст извор: ©магазин

Магазин дознава, Мендух Тачи и Сашо Мијалков ќе добијат ослободителни пресуди за наводните изборни нерегуларности поврзани со прегласувањето во Струмица, за време на локалните избори 2013 година. Пред неколку дена лидерот на ДПА Мендух Тачи, заедно со Зоран Заев, Али Ахмети, Горан Милевски, Амди Бајрам и дваесетина други партии, даде акламативна поддршка за заедничкиот владин кандидат за претседател Стево Пендаровски. Тое е политички чин, но според извори во владата, најверојатно ќе се земе предвид при носењето на пресудата за “Титаник 2“ на 8-ми март.

Во интервјуто дадено за ТВ Алсат во Јануари оваа година, премиерот Заев за прв пат проговори за заедничкото делување со Мијалков по однос на смената на Уставот и изјави: “Сашо Мијалков зборуваше со пратеници заради тоа што верува во тоа решение. Тоа го кажуваше на сите, јавно се зборува во Скопје, насекаде, дека тој зборувал со пратениците. Седел со нив, ги охрабрувал, лично верувал“. Со тоа Заев јавно призна дека на Мијалков не гледа како на “криминалецот на братучедот“, како што го нарекуваше додека беше во опозиција, туку како на релевантен партнер за политичка соработка за битни проекти кои се важни за опстанокот на актуелната влада.

Политичките околности им одат во прилог на Тачи и Мијалков, затоа што првиот контролира 2 пратеници, а вториот 7 пратеници, кои и тоа како му се потребни на премиерот Заев за многу важни закони, но исто така и за поголема сигурност на парламентарното мнозинство во однос на ДУИ. Освен политичката конотација, немањето на валидни докази исто така оди во прилог на одбраната на Тачи и Мијалков. Нивните адвокати во завршните зборови побараа ослободителна пресуда за обвинетите, посочувајќи дека СЈО не изнело докази со кои се потврдува делото за кое се теретат (ч.353 од Кривичниот законик). Дополнително одбраната имаше забелешки и на веродостојноста на снимките, кои биле незаконски стекнати.

И што е најбитно, се потенцираше дека обвинението е поднесено од неовластено тужителство, односно е по истекот на периодот од 18 месеци, одреден за поднесување обвиненија од СЈО. Токму овој момент буди најголем сомнеж, дали СЈО намерно или случајно го поднело обвинението против Тачи и Мијалков по истекот на законскиот рок кој го имале Катица Јанева и Фатиме Фетаи.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.