На Централното претседателство на ДУИ се разгледале три сценарија за предвремени избори, но Ахмети молчел дека СЈО му отворило предмет како "потсетник" што треба да направи

Објавил: Мартин Попоски | 5 октомври, 2018 13:43

ДУИ со три опции за предвремени избори, Али со обвинение од СЈО

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Албанскиот политички блок да излезе со заеднички пратенички листи, ДУИ сама да оди на избори и предизборна коалиција со СДСМ и коалицијата, биле ставени на маса на вечерашното Централно претседателство на ДУИ.

Ова било истакнато како опција, доколку се изјаловат обидите да се убедат пратениците на ВМРО – ДПМНЕ да гласаат за уставните амандмани и неминовно да мора да се оди на предвремени парламентарни избори.

Според ДУИ најмалку посакувана опција за партијата на Али Ахмети е предизборна коалиција со СДСМ, бидејќи во таков случај голем број функционери на ДУИ ќе отпаднат од пратеничките листи.

Изворите од ЦП брифираат дека големи се шансите албанскиот политички блок на евентуалните избори да настапи со заеднички листи. Во таков случај, велат можно е да обезбедат околу 30 пратеници и заедно со СДСМ постизборно да формираат Влада која ќе има мнозинство да ги помине уставните амандмани и со тоа и Договорот за името.

Третата опција е ДУИ сама да трча на евентуалните нови избори.

Која од опциите ќе преовлада ќе зависи од одлуката на Централното претседателство која ќе се носи во случај ВМРО – ДПМНЕ да остане на позицијата дека нема да ги гласа уставните измени.

Од партијата велат дека ќе прават максимални напори да го убедат претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски и пратениците за Договорот да помине во Собранието. На ДУИ во моментов не и се опција изборите, бидејќи стравуваат дека претседателот Ѓорге Иванов повторно може да одолговлекува со давање на мандатот и целата ситуација со Договорот за името дополнително да се искомплицира.

ДУИ до крај ќе притиска на институционално решение.

Ахмети веќе се сретнал со Мицкоски и од ДУИ не ја исклучуваат можноста за нови средби во наредните денови, само за да се убеди ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи амандманите. Освен Ахмети и дел пратеници ќе ги убедуваат колегите од ВМРО – ДПМНЕ за значајноста на Договорот за името за евроинтеграциските процеси на земјава, а меѓу клучните играчи за ова ќе биде и Талат Џафери.

Од партијата не откриваат детали како поминала средбата помеѓу Ахмети и Мицкоски и дали е можна промена на ставот на дел пратеници на ВМРО – ДПМНЕ.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.