Истражувањето како од државно земјиште, тревник се стигнало до "Мериот" на Мијалков, води низ ВМРО - ДПМНЕ т.е. Јанакиески, Алек - теранова, Канческа Милевска и Орце Камчев

Објавил: Мирко Бачиќ | 9 ноември, 2018 10:55

Закон за Мијалков, по “мерка” за “Мериот”?

Фото/Текст извор: ©БИРН/prizma.mk

По исклучувањето на Сашо Мијалков, омилениот братучед на поранешниот премиер, од ВМРО – ДПМНЕ, новинарите конечно почнаа да ги согледуваат финансиските поволности кои ги добил на име “патриотизам”.

Имено по одлуката Мијалков да си замине од партијата откако беше посочен дека оди по линија на Преспанскиот договор, ги врати животот и делото на поранешниот шеф на УБК во фокусот на јавноста, објави истражувачката мрежа БИРН.

Разликата денес е во тоа што матичната партија и довчерашните симпатизери се тие што почнаа да се занимаваат со „материјализмот и со криминалните коалиции“ на братучедот на Никола Груевски.

За првпат, функционер од ВМРО – ДПМНЕ изјави дека Мијалков бил свртен кон материјалниот интерес, а не кон партијата и кон идеологијата. Следуваше канонада од брифинзи во кои прочитавме дека на клучниот состанок во Белата палата со жалење паднал аргументот оти „партијата десетици пати менувала закони заради личните интереси на Мијалков.

БИРН, истражувајќи го хотелот „Мериот“, посведочи токму на еден таков пример, кога закон е менуван во корист на компанијата „Дивелоп груп“, која стопанисува со луксузниот објект на скопскиот плоштад.

Наместо да си го земе земјиштето поради пречекорени рокови и неисполнети обврски, државата менува закон за да ја овозможи изградбата на хотелот.

Од јуни годинава, семејството на Сашо Мијалков е сопственик на третина од „Дивелоп груп“ и со тоа на третина од хотелот, додека остатокот му припаѓа на бизнисменот Александар Ивановски познат и како Алек Теранова.

Ивановски постојано беше поврзуван со бизнис интересите на ВМРО – ДПМНЕ, впрочем тој ја почна изградбата на „Мериот“ во времето кога партија беше најсилна.

Во 2007 и во 2008 откупил две парчиња земја на местото каде што денес е хотелот, а за да ја заокружи градежната маркичка, потребно било да го купи и соседното државно земјиште.

Со оглед дека поседувал повеќе од 30 проценти од целата градежна парцела, се квалификувал да ги откупи останатите 793 државни квадратни метри во непосредна спогодба или популарно кажано со договор во четири очи.

И затоа во јуни 2009 ги купил преостанатите квадрати преку договор. Во договорот од 26 јуни 2009 стои дека фирмата на Ивановски, „Дивелоп груп“ е должна во рок од шест месеци да прибави одобрение за градба и плус да го изгради хотелот во рок од најмногу три години откако одобрението ќе стане правосилно.

Хотелот требало да биде готов по три или најмногу по четири години од продажбата на државното земјиште, некаде во 2013 година. Во спротивно, државата би требало да си ги земе оние 793 квадрати од градежната парцела.

Хотелот беше отворен дури во мај 2016, надвор од предвидениот рок, меѓутоа државата никогаш не го раскинала договорот и не си го зела земјиштето. Зошто е тоа така?

Имено, во 2012 година, кога ВМРО-ДПМНЕ се уште имаше неприкосновено мнозинство во Собранието, сменет е Законот за градежно земјиште и во многубројните измени промена претрпел и член 19, со кој им се овозможило на Ивановски и на „Дивелоп груп“ да го занемарат рокот.

Ако претходно законот предвидувал да има рок за изградба во договорите за продажба на државно земјиште, со промените од 2012 година, оваа обврска е специфицирана само за земјиштето купено на јавно наддавање.

Со оглед на тоа дека „Дивелоп груп“ го купила земјиштето во непосредна спогодба, отворена била можноста рокот да исчезне од договорот меѓу оваа фирма и државата.

Интересно е дека има повеќе заеднички точки меѓу Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ, од каде што Мијалков беше прогонет, и белиот хотел „Мериот“, каде што од летоска семејната фирма на поранешниот директор на УБК се јавува како еден од сопствениците.

БИРН веќе пишуваше дека ВМРО-ДПМНЕ од државата што ја водела во 2009 купила две парцели со вкупна површина од 1.241 квадратен метар за изградба на Белата палата. Партијата го купила земјиштето за нешто повеќе од 130.000 евра, односно приближно за 110 евра по квадрат.

Државата и „Дивелоп груп“ се согласиле фирмата да ги купи овие 793 квадрати по цена од 6.600 денари или за целата парцела да плати некаде околу 85.000 евра.

Тоа е цена која е далеку пониска од пазарната во најатрактивната општина во Македонија, бидејќи истото Министерство за транспорт и врски во центарот на Скопје наредната 2010 година продаде државно земјиште на јавна аукција за 3.000 евра по квадрат.

„Дивелоп груп“ до скоро се врзуваше исклучиво за Александар Ивановски, иако фирмата е основана пред повеќе од една деценија, и тоа од три компании, од кои едната доаѓа од познатата офшор-дестинација Белизе.

Компанијата за првпат на македонската јавност и стана позната откако ја подигна стаклената зграда на скопскиот плоштад, во која денес се наоѓа седиштето на Телеком. 

Имено, во 2011 година, Телеком ја купи оваа зграда од „Дивелоп груп“ во трансакција што го чинеше 16 милиони евра, како и три други објекти вредни 20,7 милиони евра.

Покрај „Мериот“, компанијата e сопственик и на атрактивниот хотелски плац на охридското крајбрежје веднаш до „Инекс Горица“.

Лани, третина од „Дивелоп груп“ доби „Орка Холдинг“ на бизнисменот Орце Камчев, а потоа тој дел летоска премина во рацете на „Бест веј инвестмент“ на постариот син на Сашо Мијалков, Јордан.

„Мериот“, според информациите од промоцијата на хотелот, чинел 38 милиони евра, има 164 соби и апартмани, меѓу кои и таканаречен претседателски апартман. Во хотелот има осум сали за настани, покриен базен, џакузи и спа-центар, теретана, ресторан и лаунџ-бар и сето тоа е сместено во зградата, која со својата барокна фасада се вклопува во амбиентот на проектот „Скопје 2014“.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести