Хаос во правосудниот систем во Македонија

Објавил: Узунов Бобан | 4 септември, 2019 14:20

За адвокатот Богдановиќ апсурдно е да се даваат наредби од притвор, министерката Дескоска пак ќе дебатирала за наредбата на Јанева

Фото/Текст извор: ©магазин

Ова е смешна и апсурдна одлука иако Катица Јанева се уште е специјален јавен обвинител, смета адвокатот Ѕвонко Давидовиќ. Правниот експерт појаснува дека Јанева има право во координација со Истражниот затвор во Шутка и со Основниот кривичен суд да испрати писмо, но нема право на таква содржина на истото, односно да определува во кое обвинителство ќе припаднат предметите. Од СЈО потврдија дека Јанева испратила барање за префрлање на сите предмети, кои се во судска постапка, истрага и предистрага да се предадат во ЈО.

„Катица Јанева се уште е специјален јавен обвинител. Но, ова е смешна и апсурдна ситуација која покажува колку се некадарни сите институции особено Советот на јавни обвинители, кој дури пред неколку дека даде предлог до Собранието за разрешување на Катица Јанева. Согласно Законот за СЈО, тие тоа требаше да го сторат многу порано, односно откако на Јанева и беше определена мерка притвор”, вели адвокатот Давидовиќ.

Тој појаснува дека додека оваа одлука која се однесува на разрешувањето на Јанева не биде донесена, таа е специјален јавен обвинител.

За поднесеното барање предметите на СЈО да бидат предадени во Јавното обвинителство, Давидовиќ појаснува дека согласно Законот за СЈО, Јанева нема право на вакво нешто.

„Согласно законот за СЈО Јанева вакво нешто нема право да направи бидејќи таа може да преземе предмет од редовното ОЈО и да воспостави надлежност, но не и обратно бидејќи во законот стои дека јавниот обвинител на државава или друг јавен обвинител нема право да преземе гоење или истрага во предметите кои се во надлежност на СЈО без негова писмена согласност. Не може Катица да определува во кое обвинителство ќе одат предметите и таа да ја определува надлежноста на редовното обвинителство”, додава Давидовиќ.

Министерката за правда Рената Дескоска за Плусинфо изјави дека за последниот потег на Јанева допрва ќе има консултации.

– Во целиот период до сега Министерството за правда не коментира судски и јавнообвинителски одлуки, но во секој случај треба да направиме консултации какво влијание ќе има ова на одредени одредби во законот околу кои дебатираме и дали тие треба да се менуваат – ни изјави Дескоска.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести