Македонската јавност во фокусот ќе го има обраќањето на Иванов пред Генералното собрание на ОН по основ на претстојниот референдум кој произлезе од Договорот од Преспа

Објавил: Мирко Бачиќ | 20 септември, 2018 13:02

Иванов ќе учествува на 73. сесија на Генералното собрание на ОН

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов од денеска ќе престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави, по повод учеството на 73. сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.

Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, на 27 септември ќе има обраќање на генералната дебата на 73. сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации на тема „Да ги направиме Обединетите нации релевантни за сите луѓе: Глобално лидерство и заедничка одговорност за мирни, рамноправни и одржливи општества“.

Во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН предвидено е претседателот Иванов да оствари средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и повеќе билатерални средби со шефови на држави и влади, учесници на Генералното собрание.

Предвидено е претседателот Иванов да присуствува на настанот на високо ниво – Глобален повик за акција за светскиот проблем со дрогата, со кој ќе претседаваат претседателот на САД, Доналд Трамп и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Македонскиот претседател ќе присуствува и на Мировниот самит Нелсон Мандела 2018, пленарен состанок на високо ниво посветен на глобалниот мир, а по повод 100-годишнината од раѓањето на поранешниот јужноафрикански лидер.

Претседателот Иванов во Њу Џерси ќе оствари средба со претставници на македонската заедница.

Во рамки на работната посета на САД, на претседателот Иванов во Детроит ќе му биде врачена наградата Глобален државник, највисоко признание што го доделува Обединетата Македонска Дијаспора. Во Детроит претседателот Иванов ќе одржи предавање на Државниот универзитет Вејн, во чии рамки е Мајк Илич Школата за бизнис, и ќе оствари средба со македонската црковна заедница во Детроит.

Претседателот Иванов за време на работната посета на САД ќе биде придружуван од сопругата, Маја Иванова.

Иванова ќе присуствува на настанот со првите дами учеснички на 73. Генерално Собрание на Обединетите Нации во организација на првата дама на САД, Меланија Трамп, како и на настан на високо ниво кој го приредува првата дама на Република Турција, Емине Ердоган. Во Детроит, Иванова ќе ја посети Детската болница на Мичиген.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.