Пратеничката Елизабета Канческа - Милевска сеуште се претставува како член на ВМРО - ДПМНЕ, а без образложение ги брка партиските асистенти од Собранието на Македонија

Објавил: Данаил Михајловски | 5 ноември, 2018 10:46

Канческа отпушти двајца асистенти од Собранието

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Додека беше министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, никогаш во јавноста не говорела за грчко-македонските односи, ниту пак за Уставот на Република Македонија.

Откако под сомнителни околности, веројатно поврзано со предметите во СЈО, го смени ставот за кој е изгласана како пратеник, гледаме дека секој втор ден дава изјави за Уставот, за Договорот од Нивици, како и за евро-атланските интеграции.

Но, забележете, изјавите секогаш и се напишани и ги чита, што остава сомнеж дека некој друг го пишува текстот, а Канческа-Милевска е само микрофонот кој ги пренесува тие пораки.

Во Собранието, според правилата на Деловникот, секоја пратеничка група има право на соработници/асистенти, кои имаат задача да им помагаат на пратениците со материјали, логистика за средби, асистенција при учество на комисиите.

Така и пратеничката група на зависните независни пратеници кои ги предводи Канческа-Милевска има право на двајца асистенти. Асистенти и помлади соработници во Собранието, по предлог на ВМРО – ДПМНЕ, веќе има, и најголемиот број од нив работат во парламентот неколку години.

После одделувањето од ВМРО – ДПМНЕ пратеничката група на Канческа требало да превземе двајца од постоечките 18 асистенти. Но, на изненадување на сите, координаторката Канческа Милевска, која има дискреционо право да одлучи кои луѓе ќе работат за пратеничката група како асистенти, одлучила да им даде отказ на двајцата асистенти, Филип Добревски и Наташа Кузманоска Велановска.

Двајцата отпуштени од работа асистенти имаат добро искуство во Собранието, и двајцата се членови на ВМРО – ДПМНЕ. Овие двајца млади луѓе, кои немаат дополнителен приход, сега заради каприцот на одметнатата Елизабета Канческа остануваат на улица, без приходот од 25.000 денари, колку што е месечната плата на еден асистент.

Асистентката Наташа Велановска ја замолила пратеничката Елизабета Канческа да има во предвид дека е и мајка на две малолетни деца и дека приходот и работата и се суштински важни. Но, довчерашната вечна министерка за култура останала на нејзиното инсистирање за отказ.

Каква хипокризија. Овие двајца асистенти гласале за Елизабета Канческа да биде пратеник, а таа прво ги изневери што гласаше за смена на уставот, иако немала мандат за тоа, а потоа и ги отпушта од работен однос во Собранието.

Сепак, иако е микро случај за пошироката јавност, сепак истиот кажува многу за карактерот на Канческа Милевска, на која освен нејзиниот личен интерес, ништо друго во политиката не и е битно.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести