Кепеска, ќерка на Круме Кепески, автор на првата Македонска граматика, со интервју во кое говори дека ако поминат Уставните измени, нема веќе да постои и македонско малцинство

Објавил: Мирко Бачиќ | 19 септември, 2018 10:14

Кепеска: “Преспа” ги избриша малцинствата

Фото/Текст извор: ©економски.мк

Северномакедонци од Егеска Македонија?! Спогодбата ја прекинува врската на малцинствата со матичната земја. Ќе заврши ли долгодишната битка за признавање на 30-ти септември?

Македонија имаше џокер во рака но не ја искористи грчката економска состојба и пресудата од Хаг. Во интервју за порталот лидер.мк,  проф. Д-р Јованка Кепеска зборува за судбината на македонското малцинство, ревизија на учениците и испитување на новата историја, и што ако Македонија го промени името и уставот а Грција не го ратификува Договорот.

Кепеска говори за референдумот но и зошто воопшто требаше Договорт од Преспа:

За Грција течеа пресудните рокови за добивање на траншата на европската финансиска помош. Ваквата условеност на Грција со економската помош, но и придобивките на Привремената спогодба како и на Пресудата во Хаг, требаа да бидат предност во постигнувањето на Спогодбата. И да се избегнат ригидните грчки барања за севкупна употреба на променето име на нашата држава со промената на Уставот и обезбедување, во сите сфери на нашиот идентитет.

Наместо тоа, постигната е спогодба со најнеповолни и ултимативно поставени решенија за нас, Македонците и за нашата држава. 

Кепеска и со став по основ на признавањето на Република Македонија под нејзиното уставно име од над 145 земји членки на ОН:

Спогодбата предвидува севкупна примена на променетото име на нашата држава од што произлегува дека тоа ќе влезе во употреба и во нашите билатерални односи со другите земји. Освен со Турција која името Република Македонија го задржува во обраќањето кон нас.

Турција, согласно со својот став за признавање на името Република Македонија, како име на нашата држава, а како членка на Алијансата, ја најави можноста да го искористи и ветото против нашиот прием во НАТО.

Она што е секундарен ефект, по негирањето на Македонската држава и Македонската нација, за Кепеска е негирањето на нашето малцинство во соседните држави:

Не се работи само за корекција на учебниците во врска со историјата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Нажалост комисијата за ревидирање на факти, што веќе е и формирана, се однесува, освен на историјата и на археологијата и на други сфери. А колку и да е намената за стручна расправа, останува фактот дека таа сепак  административна инстанца така и ќе пристапува. Ќе се менуваат содржини во изданија и се друго, со што се повредува правото на слободата на мислење, односно во научната сфера, познато како слобода на истражување и на соопштување на резултатите од истражувањата.

Еден од основните принципи на Болоњската декларација на универзитетите која лежи во основата на реформата на европскиот универзитет. А како таква и во основата на нашиот универзитет. Под прашање ќе биде научниот пристап покрај во историјата, во македонистиката, арxеологијата, уметноста. А нема да бидат поштедени пошироко и општествените науки. Нешто што мора да се ознaчи како апсурд во времето на научната ера  на 21 век.

Кепеска констатира дека треба да е загрижувачки јасно дека по уставни промени, нема веќе македонско малцинствo:

Во Спогодбата прифатен е ставот дека националните малцинства остварувањето на националните права треба да ги остваруваат и да бараат нивна заштита во релација со меѓународни институции. Факт е дека напорите на македонските малцинства за своите права ќе бидат крајно отежнати кога и Грција и Бугарија не ги признаваат националните малцинства. А прашање е кога се менува името на матичната земја и како ќе бидат ословени  како македонски малцинства. Се применува еднаков пристап и во однос на иселените Македонци во другите земји. При променето име на матичната земја големо прашање е дали и тие ќе го задржат македонското име за националноста.

Дотолку повеќе што, по инерција, а и под притисок, особено од Грците ќе навлезе името Северномакедонци.

Да не кажеме дека идентитетското прашање на македонскиот народ не е заштитено и во многу други сфери кои, покрај институционалниот идентитет се битни идентитетски одредби, какви што се топонимите, кратенките, трговските обележја. Затоа што, откога ќе се промени сe во северномакедонско и остане малку македонско, се вели само во динамичниот облик, што значи во активностите, иако недоволно јасно што е тоа, каков би бил понатамошниот развој на нашиот идентитет? Односно со оглед на новите услови Македонскиот народ врз каква основа би го продлабочувал својот идентитет. 

целото интервју на професор Кепеска проследете го на следниот линк

*Професор Кепеска е ќерка на Професор Круме Кепески (Прилеп, 8 април 1909-3 ноември 1988) македонски педагог, лингвист, преведувач, собирач на македонски народни умотворби, граматичар, автор на првата “Македонска граматика” објавена година во 1946 коавтор (со Шаип Јусуф) на првата “Ромска граматика” објавена, година во 1980 година на збирката анегдоти, хуморески и легенди “Островот бил парче земја фрлен во вода”, објавена во 1993 година и на други дела.

Кепески и припаѓа на историски еминанетната генерација македонски интелектуалци и творци, којашто созревала во годините непосредно пред Втората светска војна и којашто се вклучила многу активно во столетните стремежи на своите претходници, но и на своите современици.

Најважната улога на Граматиката на Круме Кепески е што ја развила свеста на Македонецот за сопствениот литературен јазик, а со тоа и за сопствената националност. Можеби затоа е поставеноста на јазикот на прво место при националната идентификација заедно со чувството за припадност кон македонското. Таков израз на идентитетот побудила оваа прва граматика на македонскиот јазик.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.