Mинистерот за државна управа и локална самоуправа Ружиќ денеска за 4-ти ноември ги распиша изборите за националните совети за малцинствата во Србија

Објавил: Мартин Попоски | 17 август, 2018 14:36

Македонците во Србија на 4-ти ноември ќе избираат членови на Националниот совет

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Српскиот министер за државна управа и локална самоуправа Бранко Ружиќ денеска за 4-ти ноември ги распиша изборите за националните совети за малцинствата во Србија меѓу кои и за македонското малцинство.

Ружиќ на прес конференција изјави дека во посебниот избирачки список до 15-ти август се запишале 475.000 граѓани кои можат да гласаат за 22-та национални совети.

“Членовите на националниот совет на македонското – руското – црногорското и на хрватското малцинство ќе се бираат посредно преку Изборно собрание бидејќи во посебниот избирачки список не се запишале повеќе од 40 отсто гласачи од соодветното малцинство.” – изјави Ружиќ.

Тој додаде дека членовите на останатите 18 национални совети ќе се бираат непосредно додека рокот за предавање на листите за непосредните избори е 15 дена пред нивното одржувањe а за електорските избори 30 дена.

Ружиќ посочи дека запишувањето во избирачкиот список е континуиран процес и оти ќе трае и по изборите повикувајќи ги притоа сите припадници на националните малцинства да го искористат своето избирачко право и да се запишат во избирачкиот список.

Националните совети во Србија меѓу кои е и Македонскиот национален совет е институција преку која националните малцинства во Србија ја остваруваат својата со Устав загарантирана самоуправа во образованието – културата – информирањето – употребата на јазикот и писмото – но не и во политиката.

Припадниците на македонското национално малцинство доколку сакаат да учествуваат на изборите за националните совети на доброволна база треба да се запишат во општините во Србија во посебниот избирачки список за малцинствата со што се стекнуваат со право да учествуват во избирачкиот процес – да избираат или да бидат избрани за членови на својот национален совет.

Според српските закони националните совети според бројот на припадниците на националниот малцинства може да бројат од 15 до 35 членови а за македонскиот национал совет тој број изнесува до 15 члена.

Националните совети се бираат на секои 4 години и се финансираат од буџетот на државата од автономната покраина и единиците на локалната самоуправа и како и останатите организации кои се носители на јавни овластувања.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.