Со бришењето на АСНОМ и цитирање само на Прогласот кој е обично известување, се бришат одлуките, а замената на зборовите "одлучија да" во Преамбулата не бришат како народ

Објавил: Мартин Попоски | 4 ноември, 2018 11:21

Маневски: Прогласот на АСНОМ не е правен акт, ова е предавство

Фото/Текст извор: ©republika.mk

Поранешниот министер за правда, Михајло Маневски во колумна ги коментира одлуките за бришење на одлуките на АСНОМ од Преамбулата и цитирањето само на Прогласот на АСНОМ.

Маневски смета дека ова е чин на велепредавство на Зоран Заев и антинародната СДСМ кои ги избришаа Одлуките на АСНОМ од Преамбулата на Уставот на Република Македонија.

Со Аанднманот XXXIV, според Маневски ги избришаа и закопаа длабоко и за навек сите Државотворни одлуки на АСНОМ. Одлуките на АСНОМ повеќе не се споменуваат во Преамбулата на Уставот на Република Македонија.

Со Аманднманот XXXIV од Преамбулата се бришат “Одлуките на АСНОМ” и се заменуваат со зборовите “Прогласот на Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“.

Михајло Маневски е македонски правник и политичар. Од 1986 година бил избран за член на Извршниот совет на Собранието на СРМ и министер за правосудство и управа. Функцијата ја извршувал до 1991 година. Од 1994 до 2000 година бил советник во Владата, а во 2000 година бил именуван за заменик на јавниот обвинител на Македонија. Во 2002 година бил избран за член на Државната комисија за спречување на корупцијата, а во декември 2005 година бил избран и за нејзин претседател. По победата на ВМРО – ДПМНЕ на изборите во 2006 година, Маневски бил избран за министер за правда во владата на Никола Груевски. Во 2008 година е реизбран на истата функција, на која останал до 2011 година.

Со бришењето на Одлуките на АСНОМ, со кои се удрија темелите на Македонската држава пред 75 години, Зоран Заев и СДСМ газат по крвта и по коските на илинденците, на партизаните, на комитите и водјводите, газат по коските на селаните, работниците, интелектуалците, мажите и жените кои се бореле за самостојна и независна Македонија и за тоа ги положиле и своите животи.

Според Маневски ваков чин на понижување на народот и ваква дрскост може да се очекува само од еден однароден велепредавник.
Делегатите на првото заседание на АСНОМ од 2-ри август 1944 година, избрани од сите краеви на етногеографска Македонија, од сите социјални слоеви и вери и националности, усвоиле 9 историски одлуки, од кои повеќето со државотворно значење за Македонија.

Маневски ги потврдува и наодите на Магазин дека најзначајните државотворни акти на АСНОМ се:

1. РЕШЕНИЕ за прогласување на АСНОМ како врховно, законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт на демократска Македонија.

2. РЕШЕНИЕ на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава. Со ова решение македонскиот јазик се подига на степен на службен јазик на македонската држава, што на овој акт му дава државотворно значење, со оглед на фактот дека државноста на една земја е незамислива без постоењето на службен јазик.

3. РЕШЕНИЕ на АСНОМ за прогласување на Илинден – 2 август за народен државен празник на македонската држава. Ова решение има, исто така, државотворно значење и со него Илинден е прогласен за државен празник, како симбол на сите борби на македонскиот народ за конечно ослободување од вековното ропство и создавање на слободна и суверена федерална македонска држава.

4. МАНИФЕСТ на АСНОМ до македонскиот народ кој претставува прокламација за националната слобода на македонскиот народ и создавање на македонската држава. Во овој историски документ е даден осврт на тешката борба за слобода на македонскиот народ од времето на Илинденското востание и Крушевската Република и народноослободителната борба против фашистичките окупатори, чиј плод е конституирањето на првата слободна македонска држава.

5. На заседанието на АСНОМ е усвоена ДЕКЛАРАЦИЈА за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија. Овој документ претставува еден од позначајните документи во историјата на Македонија, документ кој ги рефлектира идеите за создавање слободна и демократска Македонија, во која сите граѓани се еднакви и рамноправни пред законите, без разлика на народност, пол, раса и вероисповед.

И констатира дека Прогласот на АСНОМ до Македонскиот народ не е правен акт.

Со Прогласот македонскиот народ се известува дека е одржано првото заседание на АСНОМ и дека се удрени темелите на македонската федерална држава во нова Демократска и Федеративна Југославија.

Прогласот преставува известување, соопштување за тоа каква работа била завршена на заседанието на АСНОМ и образложение за тоа какви одлуки биле донесени.

Маневски воедно реагира и за бришењето на зборовите “одлучија да“ од Преамбулата на Уставот што значи целосна негација на македонската држава. Целта на ова два збора “одлучија да“ што се бришат од Преамбулата на Уставот е да се прикаже дека се конституира Република Северна Македонија од денот на усвојувањето на ова Преамбула и на амандманите на капитулантскиот договор со Грција.

Со ова комплетно се прифаќа дека Македонија повеќе нема да постои и е сведена на збирштина на некои граѓани! Со бришењето на зборовите “одлучија да“ се растура целата борба на македонскиот народ и се прави обид да се прикаже дека тоа се некои граѓани од никаде, аноинимуси и вештачки граѓани без корен.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести