Нова коалиција на СДСМ со Алтернатива (2 пратеници), Алијанса (2 пратеници) и БЕСА (3 пратеници), плус 8-те независни пратеници, а можеби и Панчо Минов.

Објавил: Данаил Михајловски | 2 мај, 2019 13:09

Метлата на Заев е ново парламентарно мнозинство без ДУИ, со Села и Касами во влада после претседателските избори!

Фото/Текст извор: ©магазин

Заев во текот на изборнава кампања два пати остварил работни средби со осумте независни пратеници кои се одметнаа од ВМРО-ДПМНЕ, истовремено ја одржува комуникацијата со Зијадин Села и Билал Касами, а темата на овие средби е нивното учество во новата владина коалиција. Целта на Заев е после изборите е да ја исклучи ДУИ од власта и да формира ново парламентарно мнозинство заедно со БЕСА, Алијанса, Алтернативата на Африм Гаши и 8-те независни пратеници, кои заедно со СДСМ би имале мнозинство од 65 пратеници во Собранието. Според извори блиски до 8-те независни пратеници, првата метла Заев планирал да му ја “удри“ на Талат Џафери, со тоа што тој би бил сменет од функцијата претседател на Собранието. 

Подолго време во СДСМ се води дебата за тоа на што се должи брзиот пад на популарноста на владеачката партија. Еден од заклучоците бил дека тоа е и заради непрекинатото учество на ДУИ во власта, заради нивната поврзаност со “режимот“ кој Заев толку многу го критикуваше, заради нивната неказнивост, но и заради тоа што ДУИ и меѓу албанците и меѓу македонците се повеќе има имиџ на партија која владее според клановски, бизнис и фамилијарни интереси. За таа цел, Заев, заедно со неколкумина блиски соработници од СДСМ, скроиле план како да ги “изметат“ ДУИ од власта, да му отворат нови работни задачи на обвинителството за одредени функционери на ДУИ, а со тоа да го подобрат имиџот на СДСМ како владеачка партија. Но, за да се исполни тој план мора се обезбеди ново стабилно собраниско мнозинство, бидејќи СДСМ има само 50 пратеници. 

Талат Џафери би ја добил првата “метла“ доколку на премиерот заев му успее планот за составување на ново парламентарно мнозинство после претседателските избори. Клучниот фактор за успех на овој проект се компактноста на 8-те независни пратеници, како и политичката воља за коалиционен договор кај Зијадин села и Билал Касами.

Математиката е следна, создавање на коалиција на СДСМ, Алтернатива (2 пратеници), Алијанса (2 пратеници) и БЕСА (3 пратеници), плус 8-те независни пратеници кои веќе не се дел од ВМРО-ДПМНЕ, а позитивни сигнали за учество во таквото мнозинство се добиени и од Панчо Минов (ГРОМ), со што би се стигнало до солидна бројка од 66 пратеници. Премиерот Заев веќе остварил две средби со 8-те независни пратеници, кај кои постои расположение за ваквата собраниска комбинација, но тие имаат и некои свои услови поврзани за одредени предмети на СЈО, како и за начинот за учество во власта.

Понудата била независната пратеничка група да добие два министерски ресори, како министерството за образование и министерството за екологија, но и неколку државни институции, како Управата за матични книги, Центарот за управување со кризи, Државниот инспекторат за транспорт и други агенции. Партиите Алијанса и БЕСА би ги пополниле другите места кои сега ги има ДУИ, како вицепремиер за евроинтеграции, министер на новото министерство за политички систем, министер за економија, министер за локална самоуправа, директор на заводот за статистика, како и десетина други битни државни управи, со тоа што партијата на Зијадин Села повторно би се борела да го добие министерството за здравство, во случај “метлата“ на Заев да го зафати и министерот Венко Филипче после изборите. Како “аванс за создавање на ваквата коалиција Заев побарал од Касами и Села да помогнат со што е можно повеќе гласови за Стево Пендаровски во вториот изборен круг. Според Заев, изборот на Стево Пендаровски за претседател на Македонија е клучен услов за да се намали улогата на ДУИ и Талат Џафери, кој во тој случај не би добил шанса да биде в.д претседател на државата. Затоа Заев побарал од Алијанса и БЕСА што помасовна излезност на нивното членство на гласање, за да се исполни цензусот за избор на претседател.

Овие разговори, според изворот од независната пратеничка група, се водат дискретно, далеку од очите на јавноста, а главниот преговарач е лично премиерот Заев, со што целата идеа за ново парламентарно мнозинство добива на тежина како сериозен политички проект. Во една прилика премиерот им напоменал дека за идејата се запознаени и клучните играчи од “меѓународната заедница“ и дека и тие даваат индиректно одобрение на ваквата замисла. 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.