Дискриминирани и обесправени

Објавил: Калина Мартинска | 8 април, 2024 19:16

Меѓународен ден на Ромите – како живеат во Македонија?

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Пристап до квалитетна инфраструктура до елементарни услови за работа, ова се и натаму најгорливите проблеми со кои се соочуваат дел од ромската популација во земјава.

На светскиот ден на Ромите, повторно се поставува прашањето дали тоа е најдискриминираната етничка заедница во Македонија. Невладиниот сектор смета дека Ромите се уште не ги уживаат подеднакво сите права и се уште се соочуваат со расна дискриминација.

Демографски увид

Според последниот попис, во Македонија живеат над 100.000 Роми, а Прилеп е втор најнаселен град од ромската заедница. Додека светот го одбележува Меѓународниот ден на Ромите на 8-ми април, тој служи како потсетник за тековните борби и издржливост на Ромите ширум светот.

Две третини од Ромите во земјава се во ризик од сиромаштија, а 60 проценти од нив се лишени од основни материјални потреби што е двојно повеќе од ризикот за сиромаштија кај останатото население во земјава, покажуваат истражувањата.

ТВ сторија за нивното секојдневие во Македонија 

Импровизирани куќи од картони и најлон, најчесто на периферијата од градот. Наместо асфалтирани и осветлени улици со зеленило, имаат кал до колена, мрак и купишта смет. За вода се снаоѓаат како знаат и умеат, а се прехрануваат со тоа што ќе најдат, колку за да преживеат. Ова е сликата и во првата четвртина од 21-от век од животот на поголемиот дел македонски Роми на кои борбата за голата егзистенција им е секојдневие.

Секогаш Ромите можеме да ги најдеме некаде на крајот од градот, било каде по државата. Тоа зборува дека нивните куќи се од картони или од најлони, импровизирани. Надежта на тие луѓе е згасната, нормално. Јас се надевам дека во идната влада ќе има проект за правење нови куќи, како што беше порано „Купи куќа, купи стан“, а сега е „Изгради куќа за млади луѓе“, – посочува Иса Елмазоски, во изјава за ТВ Алфа.

Државата треба најмногу да вложи во ранливите категории, како на пример ромската заедница. Самата држава треба да вложи средства и механизми како да ги подобри условите на живеење на самите Роми и со тоа да ги интегрира во самото општество да бидат дел од креирање на самите политики“ – вели Алмир Сулејманоски.

Значително намалената дискриминиција во образовнието и се’ уште срамежливото кршење на стереотипите при вработувањето на Ромите, дава извесни позитивни резултати, велат нашите соговорници, ама тоа е далеку од доволно за младите Роми да останат заштитени од масовното иселување.

Факт е дека сите сме загрижени за нашата иднина и иднината на нашите деца. Желбата за Запад или за Европа е голема помеѓу младите. Секој што завршил средно, не се гледа тука. Често, младите дома, деца, тинејџери слушаат за Запад, подобар живот, подобра кола, поголеми можности. Јас се надевам на едни подобро времиња и ќе можеме младите да ги задржиме тука“, – објаснува Иса Елмазоски.

И ние сме луѓе, ако сме Роми, и ние треба да го живееме животот како секој еден човек. Не треба да бидеме од ништо подолу, како второ сегде треба да бидеме сакани и почитувани“, – ни рече младиот Ерми Јашароски.

Според последниот попис, во Македонија живеат над 100.000 Роми, кои после Скопје, најбројни се во Прилеп каде ги има околу 6.500. Инаку, од 1990 година, 8-ми април се одбележува како Меѓународен ден на Ромите, а од 1971 година Ромите во светот имаат и свое знаме, како и химна од песната „Ѓелем, ѓелем“.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.