Гордана Силјановска Давкова по повод Меѓународниот ден на Ромите, во изјава за медиумите вели дека вреди да се одбележуваат важни датуми

Објавил: Катерина Крстиќ | 8 април, 2019 19:47

Силјановска: Мојата ќерка ја одгледа Ромка, би побарала помош од Ромите и во вршењето на претседателската функција

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Кандидатката за претседател поддржана од опозициската партија ВМРО- ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова по повод Меѓународниот ден на Ромите, во изјава за медиумите вели дека вреди да се одбележуваат важни датуми, како овој ден на Ромите во светот, меѓутоа уште повеќе вреди секој ден да биде пристоен ромски ден.

Се разбира Република Македонија на овој план, уставно правно зошто Ромите си го најдоа заслуженото место во Преамбулата, и институционално правно може да се пофалиме дека водевме сметка за своевидно самоуправување или себе управување во рамките на општина во која мнозинството се Ромите како што е Шуто Оризари. Но, мислам дека на овој ден треба да се обврземе да исполниме и многу други предизвици врзани за ромската заедница, особено на планот на правичната и соодветна застапеност на сите нивоа на власта, особено на посебна заштита на ромската заедница како најранлива категорија не само во светот и во Република Македонија. Тука мислам на посебните усилби за образованието, за здравството, за социјалната заштита, изјави Силјановска.

Професорката Гордана Силјановска Давова, во денешната изјава по повод Денот на Ромите откри дека нејзината ќерка ја израснала ромка, и додаде дека доколку биде избрана за претседател, не гледа причина да не побара помош од Ромите и Ромките.

Во изјавата за медиумите проф. Силјановска Давкова додаде дека се надева на тоа дека идната година на овој ден ќе ги истакнат успесите во почитувањето и остварувањето на ромските права.

Таа вели дека ако стане претседателка на РМ, односно ако народот и ја даде целосната доверба, дека едно од приоритетните прашања на кои ќе работи ќе биде токму ромската заедница.

Ако станам претседателка на Република Македонија едно од моите први обраќања ќе се однесува на ромската заедница. Се разбира дека ако мојата ќерка ја одгледала Ромка, една прекрасна жена која влегла во нашиот живот и ние во нејзиниот, не знам зошто не би побарала помош од Ромките и Ромите и во вршењето на претседателската функција, додаде Силјановска.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.