Во првиот круг од претседателски избори

Објавил: Калина Мартинска | 25 април, 2024 14:09

Медиумите во регионот пишуваат за големата победа на Силјановска пред Пендаровски

Фото/Текст извор: ©360stepeni.mk

Медиумите во регионот известуваат за резултатите од првиот круг на претседателските избори во Македонија, нагласувајќи дека кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова извојувала убедлива победа против кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски.

Дел од порталите во Бугарија, пренесувајќи ги резултатите објавени од Државната изборна комисија, пишуваат дека Силјановска не го криела изненадувањето од истите, а Пендаровски не го криел разочарувањето.

„Силјановска убедливо победи во првиот круг од претседателските избори во РСМ“, извести бугарската новинска агенција БГНЕС.

„Најмногу гласови во првиот круг од претседателските избори во Република Македонија доби кандидатката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова. Ова го посочуваат официјалните резултати објавени од Државната изборна комисија. Тие се базираат на над 99 отсто од преброените ливчиња. За Гордана Силјановска-Давкова гласале 362 617 лица или 40,08%. За нејзиниот главен конкурент, актуелниот шеф на државата и кандидат на СДСМ Стево Пендаровски гласале 180 253 лица или 19,93%“, пренесе БГНЕС потсетувајќи дека вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 8 мај заедно со парламентарните

„Гордана Силјановска – Давкова има убедливо водство пред Стево Пендаровски, но не успеа да ја мине границата од 50 проценти за победа во првиот круг од претседателските избори. Кандидатот на опозицијата не го криеше изненадувањето пред своите приврзаници кои го прославија резултатот низ скопските улици. Претседателот Стево Пендаровски, кој се кандидира за втор мандат, не го криеше разочарувањето, но и изрази решеност да се бори до крај“,пишува БНТ.

БТВ, пак пишува дека власта го признала поразот, но лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски не размислува за повлекување.

„Во првиот круг од претседателските избори во Северна Македонија, кандидатката на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска освои двојно повеќе гласови од нејзиниот противкандидат. Актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој е поддржан од владејачката СДСМ, е втор со голема разлика. Поразот го препознаа властодршците, но во моментов лидерот на партијата Димитар Ковачевски не размислува за повлекување“, се наведува во извештајот на БТВ.

За претседателските избори во Македонија известија и српските медиуми кои анализираа дали има можност за пресврт во резултатите во вториот круг од изборите на 8 мај, кога ќе се одржат и парламентарните.

Данас.рс прашува дали опозицијата оствари недостижна предност пред вториот круг гласање.

„’Еј, Македонијо, ти си бисер балкански’, скандираа во средата вечерта во центарот на Скопје, симпатизерите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ додека го славеа резултатот од првиот круг од претседателските избори. Зурли свиреа, се слушаа тапани, заедно со бакли, прегратки и селфи. Од другата страна на градот, во седиштето на владејачката СДСМ, мрачен молк по најслабиот резултат на партијата во последните 20 години“,пишува Данас.рс.

„Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ освои двојно повеќе гласови од Пендаровски пред вториот круг од претседателските избори“, објави РТС.

„Во првиот круг од претседателските избори во Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова од опозициската ВМРО-ДПМНЕ води со 38,88 отсто, актуелниот претседател Стево Пендаровски од СДСМ е втор со 19,04, а Бујар Османи, министер за надворешни работи од владејачката албанската партија ДУИ е трета со 14,76 отсто освоени гласови, според податоците на 68,99 отсто од преброените ливчиња. Османи на тој начин го победи својот ривал од втората албанска опција, коалицијата ‘Вреди’, која доби 10,67 отсто“,пишува РТС.

Радио Слободна Европа нагласува дека Силјановска-Давкова убедливо победила во првиот круг од претседателските избори во Северна Македонија, „но не освои доволно гласови за да избегне вториот круг следниот месец кога ќе се соочи со актуелниот претседател Стево Пендаровски“.

„И покрај убедливата победа на Силјановска-Давкова во првиот круг, албанските гласови може повторно да играат клучна улога во вториот круг, како и пред пет години. Дали на 8 мај ќе има пресврт на резултатите, останува да видиме, но врз основа на големата разлика меѓу Силјановска и Давкова од околу 180 000 гласови, на Пендаровски му е потребна поддршката од двајцата кандидати Албанци за претседател Бујар Осман и Арбен Таравари кои заедно добија околу 200 000 гласови“,пишува Радио Слободна Европа.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести