Претседателот на ВМРО - ДПМНЕ, Мицкоски, со остра реторика и директни напади врз Заев и неговата кампања за референдумот за промена на името

Објавил: Мирко Бачиќ | 3 септември, 2018 11:04

Мицкоски: Каков европеец е Заев, фатен за поткуп, аболициран за 8.5 милиони евра?

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Остра реторика на претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упатена до претседателот на СДСМ и премиер на Македонија, Зоран Заев, кој веќе ја започна кампањата за “Европска Македонија” позната како пропаганда за референдумот за промена на името.

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ оценува дека лагите се толку големи што народот веќе ги согледал.

Она што тие сакаат сега да го направат е да искреираат една лажна надеж, поставена на погрешни основи. Тие сакаат да верувате дека сега нешто треба да “подголтнеме”, за да утре одиме напред, за да се реализира сето она што како природен порив толку многу и недостасува на нашата земја, за да во економијата ни тргне, за да здравството се подобри, реформира образованието, земјоделието потпомогне. Тоа е исто како некој да ви даде пари за да градите куќа, но ако ги згрешите мајсторите залудно е, труло е. Парите ќе ги потрошите, дом ќе немате, рече Христијан Мицкоски.

Тој порача дека не може Заев да се прикажува како европеец, кога е фатен на дело како бара поткуп, а претходно е аболиран за случај тежок 8.5 милиони евра. Не е тоа евроопеец и европски политичар, тоа е обичен криминалец, порача Мицкоски.

Не може да велите дека сте за ЕУ кога ги гушите основните слободи и права. Ако се побуните против сечата на дрва ќе ви пратат багери да ве газат, како оние на Водно, ако политички опонирате со аргументи одма се монтира случај и ве викаат на распрашување, ако си ја сакате државата, веднаш ќе ве опфатат со случајот за 27-ми, па може и терорист ќе ве направат.

Во ЕУ нема друг случај каде пратеници, уметници и обични луѓе се во затворите и одговараат за тероризам кој не се случил, нема друга опозиција која не е толку жестоко под притисок со загрозени права и слободи.

Нема случај на така брутална политичка сегрегација и поделба, брутална поделба на граѓанското ткиво. Во Европската Унија нема афери, тендери од по 35 милиони евра кои ќе се доделуваат на фирми штотуку регистрирани, ниту пак тендери кои како ланец се префрлаат од ќерката директор, на таткото бизнисмен, или пак криминални иновации кои се параван за делење на државни пари на приватни фирми на луѓето од власта. Го нема тоа во ЕУ, не се тоа европски вредности, вие сте криминалци и сакате криминалот да го покриете со ЕУ и НАТО, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека на ЕУ и е доста од презадолжени држави. За прв пат во историјата на Република Македонија со СДСМ јавниот долг надмина 5 милијарди евра, додека државниот долг надмина 4 милијарди.

Во ЕУ можете да влезете и без капитулантски договор, но не можете да влезете со училишта без кров, болници без кревети, ниту пак со корумпирани институции. Во Европската Унија немате земјоделци кои се измамени. 20 илјади тони сливи остануваат без пласман, лозарите имаат проблеми a власта не ги гледа нивните маки. Затоа со овие луѓе на власт Европската Унија е далечна идеја, не затоа што нашите пријатели од Европа не не сакаат, туку затоа што власта не знае како, рече Мицкоски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.