Министерот за надворешни работи Никола Димитров ги повторуваше фразите на премиерот Заев, потпретседателот на ВМРО - ДПМНЕ се повика на фактите како и Пресудата од Хаг

Објавил: Мирко Бачиќ | 27 септември, 2018 7:39

Николовски: “Референдумот нема да успее” – Димитров: “Ајде да го чуеме народот, тој зборува преку гласање”

Фото/Текст извор: ©телма.ком.мк/магазин.мк

Синоќа на Топ Тема на Ваша Страна се одржа дебата помеѓу министерот за надворешни работи, Никола Димитров и потпретседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Александар Николоски.

За Николоски првата спорна работа во договорот е што Македонија се откажува од Временета спогодба и Пресудата од Хаг. Клучен проблем е промена на Уставот. Проблематично е и тоа што дефинира дека Македонец и македонски ќе може да се биде и зборува само на оваа територија.

Со овој Договор, посочи Николовски, Димитров им дава право на Грците да го имаат целото наследство од антика до денес и да ги користат термините македонски и Македонија не само во денешна Северна Грција односно Егејска Македонија, туку каде сакаат.

Според Димитров договорот јасно го дефинира македонскиот јазик и македонската националност. Тој додаде дека е лага дека македонската верзија на Договорот не одговара на англиската верзија. Тоа е лажна вест според министерот за надворешни.

Зборувавте дека нема да се менува Уставот, а сега го менувате. Овој е најлош договор што го имаме. Вие и Заев сте спремни да го смените Уставот и тоа ќе ви тежи. Договорот не ги зачувува македонскиот јазик и националноста бидејќи ги врзува за територија. – кажа Николоски.

Во Договорот стои: Официјалниот јазик на другата страна ќе биде македонскиот јазик. Државјанството ќе биде македонско /граѓанин на Република Северна Македонија. Самиот Мицотакис кажа дека ниедна грчка влада не прифатила досега македонски јазик и нација, истакна Димитров.

Член 7 во однос на идентитетските прашања: страните прифаќаат дека нивното разбирање на термините Македонија и македонски се однесува на различен историски контекст и културно наследство. Кога ќе кажете Македонија и македонско кај нас овие термини ја означуваат нашата територија, нашиот јазик – македонски јазик, нашиот народ – македонски народ, македонскиот народ и неговите одлики со нашата сопствена историја, култура и наследство. Преголемо е прашањево, преважен е влогот, 27 години сме во ровот, првпат имаме шанса да излеземе од него. – истакна Димитров.

Потоа двајцата соговорници прејдоа во ад персонам препирки.

Николоски му замери на Димитров дека се нудел на претходната власт. “Вие бевте на највисоки државни функции во претходната власт – бевте преговарач, специјален координатор за НАТО, амбасадор. Во 2011 година сте се нуделе и за министер за надворешни работи во владата на Груевски”.

Димитров реплицираше дека е лажна вест дека се нудел за министер за надворешни работи во 2011 година.

Според Николоски позициите на Македонија по потпишување на ваков договор се драстично нарушени. “Ова е капитулантски договор”.

Репликата на Димитров беше зошто ВМРО – ДПМНЕ во овие 11 години не постигнале договор.

Обвинет за неконсистентност во ставот околу референдумот, Николоски реплицираше дека нема да стигнеме до услови да се гласа за уставни измени, бидејќи референдумот ќе пропадне, дека ставот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ е јасен и е ист со онаа на партијата.

Референдумот ќе пропадне и доколку Владата е малку одговорна воопшто нема да го води процесот понатаму кон уставни измени. Доколку сепак дојде до таква работа ставот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ соодветствува на ставот на партијата, а ставот на партијата е многу јасен дека ќе го почитува исходот од референдумот. – додаде Николоски.

Според Николоски главна тема во референдумот кој сака да ја наметне владата, не е Договорот, туку ВМРО – ДПМНЕ. “Тоа покажува дека е ова исклучително лош и капитулантски договор и сака сега и нас како партија да не извалка”.

Според Димитров мнозинството на граѓаните се ЗА. “Инаку во програмата на ВМРО – ДПМНЕ во делот за референдумот не стои цензус. Успешен референдумот ќе биде огромна поддршка од кампот ЗА.” – додаде Димитров.

Николоски возврати дека во Програмата на ВМРО – ДПМE не стои дека таа нема да прифати промена на уставнотот име на државата. “Инаку цензусот не се дефинира во партиски програми, туку со закон, а Законот вели дека успешен референдум е 50% + 1 од запишаните гласачи.” -заклучи Николоски.

Димитров на крај го повтори ставот изнесен и од Заев. “Ајде да го чуеме народот, тој зборува преку гласање. Тој што не гласа не можеме да знаеме што зборува. Ако има еден глас „не“ повеќе ќе се поклониме на одлуката”.

На прашање како ја гледаат Македонија по 30 септември, Николоски рече дека Македонија ќе покаже себеси и на светот дека е горда, достоинствена и дека не прифаќа капитулантски договори.

Димитров, пак, нагласи “Македонија ќе покаже дека си ги фати дизгините на својата иднина, дека се избори за идентитетот и како Македонци и македонски народ со сите наши сограѓани ќе си обезбедиме подобри софри, повеќе работа, ќе си ја доизградиме државноста, ќе си влеземе во НАТО и ќе си обезбедиме граници”.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.