Катастрофалниот ефект на Ел Нињо од пред три години сеуште се проценува, а Светската метеоролошка организација најавува нов за летото 2019-та година

Објавил: Мирко Бачиќ | 11 септември, 2018 11:35

Нов “Ел Нињо” ефект зимава, ќе донесе жешко лето в година

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Од Светската метеоролошка организација прогнозираат 70% шанса да се повтори феноменот Ел Нињо до крајот на годинава и да ја запише 2018 како рекордна најтопла во историјата.

Метеоролозите очекуваат дека нема да биде толку интензивен, но сигурно е дека климатските промени влијаат на традиционалните метеоролошки појави. Последниот Ел Нињо се случи зимата 2015/2016 и предизвика хаос во климата низ целиот свет – суши во Африка кои влијаеја разорно врз земјоделските култури и смртоносни поплави во повеќе земји од Јужна Америка.

Ел Нињо – Јужно Колебање (ЕНЈК) е глобален двоен океанско атмосферски феномен. Се состои од две појави со спротиставени ефекти Ел Нињо и Ла Ниња кои всушност претставуваат значајни температурни флуктуации на површинските води на тропскиот Јужен Тихи Океан. Нивното влијание на климата на јужната полутопка е огромно, а влијанието врз глобалното затоплување сe уште се испитува.

Ел Нињо или Јужната осцилација, како што се вика вистински, е природен феномен при кој промените на температурата на површината на Тихиот Океан влијаат на времето низ целиот свет.

Годинава температурите на океаните се зголемени во азиско-пацифичкиот регион, Европа, Северна Америка, Африка и поголемиот дел од крајбрежјето на Јужна Америка.

Годинава почна со обратната фаза, Ла Ниња, што не беше многу силна и малку ја разлади површината на Пацификот.

Овој ефект до сега избледе и според прогнозите на Светската метеоролошка организација, постојат 70% шанси за нов Ел Нињо до крајот на годинава.

Ел Нињо од 2015/2016 беше најсилниот до сега регистриран и предизвика летото 2016 да влезе во книгата на рекордите како најтопло во историјата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.