Марко Виденовиќ , професионално се занимава со музика и работи во Македонската Филхармонија, но пишувањето го исполнува...

Објавил: Македонка Димкин | 18 август, 2018 23:08

»Одеднаш студ ме облеа, одеднаш почна цело тело да ми трпне«

Фото/Текст извор: ©Марко Виденовиќ

Ми се беа споиле веѓите со јаболчниците под очите, а сепак подгледнував со нив колку да не мижам, за да не заспијам.
Таков стуткан сиот, седнат на креветот, како од едно да бевме изделкани, од едно парче дрво и ткаенина.
Во еден миг се освестив од сонот во кој бев пропаднал без да заспијам,и осетив како гребам по платното од потпирачот под раката, и толку што бев заминат со умот некаде, а всушност никаде, помислив дека се чешам по ногата, па дури кога погледнав поубаво, заприметив дека тоа е потпирачот од страната на креветот, чија обвивка веќе беше излитена од времето што го прегазило, што се чешало и стружело по него, и од други како мене сонувачи незаспани што на него врвеле ноќи и денови.

Телевизорот беше изгаснат, а на екранот се огледуваа црни сенки од мојот лик и сликата на ѕидот зад мене, која беше покриена со прашина и по некоја ситна пајажинка.
Се обидував да се огледам поубаво, но безуспешно беше, гледав само црна сенка која личеше на некое изобличено чудовиште од некоја приказна која некој ми ја раскажувал кога сум бил мал, и за која сум си создал слика од тој ѕвер одвратен, кого на крајот ловџиите ќе го уловат и ќе го обезглават.

Марко Виденовиќ – зборови

Живеејќи во таа бајка, страшна и одвратна, наеднаш ме сепна звук на сабји остри кои звечкаа додека ловџиите ме бркаа и наеднаш пот ме облеа.
Некој кратко заѕвони на вратата, толку кратко и отсечно, што во себе си помислив дека така ѕвони колку да се рече дека заѕвонил и како да не сака да му отворам, туку колку да каже дека се обидел, а никој не му отворил.
Останав залепен за креветот, само срцето си го слушав како бие и дишењето преку носот, од кој се слушаше шкрипење од што ми се исушила слузокожата во него и од што беше налепен со прашина со месеци неизбришана.

По неколку секунди, пак кратко ѕвонење, станав, луто и отсечно, се одлепив од креветот и скокнав како попарен, а зад мене остана дупка во душекот која полека почна да се пополнува. Додека прашината како некоја прав волшебна се разлета низ собата од моето станување и се гледаше само на снопот светлина кој си беше пронашол пат низ старата ролетна која беше спуштена, но на едно место поткршена, нервозно тргнав кон вратата и ја отклучив.

Тоа штракање на бравата, делуваше толку страшно што си помислив дека гостинот, оној непоканетиот што ми дошол апанзас, од страв веќе избегал.
Но не, ја отворив вратата, а тој стоеше сиот насмеан, очите му светеа како светулки, веѓите кренати нагоре, дури и челото му го збрчкале од насмевката, а таа негова среќа и озареност уште повеќе ме лутеше.

Се прегрнавме некако, повеќе тој мене отколку јас него и го повикав со пола уста, да влезе.
Без двоумење влезе во собата на ѕверот и веднаш се упати кон креветот, баш кон моето место, каде јас до предмалку седев, каде сеуште имаше дупка на стариот душек кој полека се креваше за да се врати во својата природна состојба, но тој без да ме праша си седна, баш на истата вдлабнатина која јас веќе со часови, со денови и месеци си ја длабев седејќи и тежејќи на неа.

  – Јас не ти се најавив, така дојдов, проштевај.

Само кисело се насмевнав, ако може тоа да се нарече насмевка, оти повеќе личеше на израз на куче што има беснило и сака да касне некого. Тој сиот светнат и насмеан, онаков озарен и весел, ме гледа со тие негови очи полни со некоја радост и ми вели,

  – Јас со празни раце дојдов…

  Во истиот миг се закашлав на сила, небаре некој со пепел ме потурил, небаре во оџак ме пропуштил,
а тој пак,

  – Со празни раце, ама со полно срце, дојдов само да те видам.

Одеднаш студ ме облеа, одеднаш почна цело тело да ми трпне, некои мравки како да ме лазеа сиот, и во следниот миг како да почнав да се одмрзнувам. Очите почнаа да ми се полнат со вода, како тегла ставена под чешма што се преполнува,
како дожд кога врне и старата кофа во дворот ја преполнува, а таа претекува.
Не беше тоа вода, ама јас имав заборавено како се вика таа течност во очите што некогаш капела од нив, и од среќа и од тага, и за убаво и за лошо.

Ги затворив мислејќи дека ќе се сокријам, ама затворајќи ги, притиснав со капаците и водата потече низ образите, беше се преполниле. Се одмрзна парчето месо кое беше замрзнато долго време, се истопи мразот над ливадата, што ги имаше покриено тревата и цвеќињата, и сега јас го прегрнав, ама сега вистински.

Тој беше пролетта моја, порано го викав пријател или другар, бев ист како него, потполно ист.
Ќе треба време ливадава да раззелени и пак да заживее онака шарено и пролетно, како во некој април далечен и волшебен, кога под лозница седевме, муабетевме и молчевме, но сепак се разбиравме.

Пријател

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Култура

Град Скопје реагира на лагите и манипулациите изнесени на денешната прес-конференција на Вмро-Дпмне во врска со Универзална сала!

УНИВЕРЗАЛНА САЛА РАБОТИ СО НАСТАНИ И БЕЗ ОБЈЕКТ ВО УПОТРЕБА

УНИВЕРЗАЛНА САЛА РАБОТИ СО НАСТАНИ И БЕЗ ОБЈЕКТ ВО УПОТРЕБА Град Скопје реагира на...

Македонија и Албанија како држави што управуваат со Охридскиот регион како светско културно-историско и природно богатство ќе мора до 1 февруари наредната година до УНЕСКО да достават извештај со реализиран напредок во спроведувањето на активностите посочени во препораките за заштита на Охридскиот регион.

УНЕСКО бара до 1 февруари да биде изготвен извештај за постапувањата по препораките

УНЕСКО бара до 1 февруари наредната година да биде изготвен извештај за постапувањата...

„Новата градинка ќе биде со капацитет за згрижување на 102 деца, на возраст од 0 до 6 години, за чија изградба и опремување Министерството за труд и социјална политика издвои 50 милиони денари.

Шахпаска: Општина Липково добива нова детска градинка која ќе згрижи 102 деца

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска  заедно со градоначалникот...