Седницата на скопска Апелација, на која требаше да се соопшти дали Груевски ќе оди затвор или не, одложена за утре

Објавил: Мирко Бачиќ | 30 август, 2018 12:14

Одложена јавната седница на Апелација, Груевски на судење за “Насилство во Центар”

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Во Апелацискиот суд во Скопје денеска почна и веднаш се одложи јавната седница, на која треба да се одлучи по жалбата на поранешниот премиер Никола Груевски за пресудата во случајот „Тенк“ на СЈО за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден над 600.000 евра.

Причина за одложувањето на седницата е неприсуството на осудениот Груевски и неговите четворица адвокати, кои според претседателката на кривичниот совет Цветанка Перишиќ, уредно го известиле судот дека денеска ќе приствуваат на рочиштето во Кривичниот суд Скопје за предметот на СЈО „Насилство во центар“, во кое Груевски, исто така, е обвинет.

Седницата е презакажана за утре.

Во случајот „Тенк“, поранешниот премиер е осуден на две години затвор како поттикнувач за извршување на делото, додека поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, е осуден на шест години и шест месеци затвор.

Поповски денеска стражарно беше донесен на седницата на советот на Апелацискиот суд од издржување на затворска казна во Шутка.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.