Џафери потврди дека осумтемина пратеници од ВМРО - ДПМНЕ побарале лично тој да го координира процесот за национално помирување, за амнестијата чека предлог закон

Објавил: Мирко Бачиќ | 25 октомври, 2018 13:44

Осумтемина одметнати пратеници побарале Џафери да го координира националното помирување

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Талат Џафери во изјава за медиумите рече дека очекува иницијаторите за формирање на вакво тело, осумтемина пратеници кои гласаа за уставните измени од редовите на опозицијата да иницираат средба.

Идејата за формирање на телото е во контекст на подготвеноста на мнозинството во Собранието да се има општо помирување во односите помеѓу политичките партии застапени во Парламентот и пошироко и таа произлегува од самите пратеници. Иницијаторите досега не се обратиле до мене да се изјаснат во однос на основната идеја и замислата. Нивна беше волјата јас да го водам тоа тело. – рече Џафери кој присуствуваше на промоцијата на студија за регулативата за употребата на јазиците во Македонија.

Џафери потврди дека на вчерашната координација во Собранието била водена општа дебата со претпоставки како би изгледало и што би се работело во оваа комисија и во тој контекст го спомена кодексот за однесување на пратениците.

Очекувам иницијаторите на оваа комисија да иницираат соодветна средба и да ја објаснат идејата. – рече Џафери.

Според пЏафери, најавата на опозициската ВМРО – ДПМНЕ дека тие не се подготвени да учествуваат во едно вакво тело, е „јасна определба дека тие не се заинтересирани за општо помирување меѓу пратениците, што би се рефлектирало меѓу граѓаните, како поддржувачи на политичките партии“.

За барањето за закон за амнестија од страна на ВМРО – ДПМНЕ, Џафери нагласува дека пратениците имаат право да достават до Собранието ваков закон, но вели дека тие треба да објаснат која би била идејата на законот и што би придонел тој за нив и за имиџот и позицијата на Собранието.

Не можам да прејудицирам која би била идејата на таков закон и во кој опфат би бил, но во секој случај секој пратеник има легитимно право да предложи закон. – рече Џафери, додавајќи дека за ова прашање ќе се разговара кога ќе има конкретен предлог.

Џафери кажа дека до денеска напладне до него нема доставено информација од осумтемина пратеници дека излегуваат од пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и дека најавуваат формирање на нова пратеничка група. 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.