Павле Богоевски со јавна исповед по вчерашното објавување на бомбите

Објавил: Узунов Бобан | 15 мај, 2019 14:37

Павле Богоевски дипломиран криминалист и пратеник призна дека извршил кривично дело-набавил забранета супстанца

Фото/Текст извор: ©магазин

Вчера преку социјална руска мрежа повторно беше објавен разговор од извесен Илија Громовник  во кој Павле Богоевски актуелен пратеник, дипломиран криминалист на Факултетот за безбедност и поранешен активист на Шарената револуција се слуша како нарачува според него забранета супстанца. Павле Богоевски преку фејсбук статус кој изворно го пренесуваме  ја призна автентичноста на разговорот.  

Од неговиот статус Павле Богоевски треба да одговори како пратеник и јавна личност неколку прашања на македонската јавност, а со тоа треба да се позанимава и полицијата и истражните органи: Прво, Богоевски признава дека извршил кривично дело по член 215 став 2 од Кривичниот Законик на РМ за кој е предвидена казна затвор од една до пет години. Второ, како политичар и јавна личност треба да си поднесе оставка од морални причини со оглед на тоа дека призна дека набавил сусптанца наменета за производство на наркотични дроги дотоколку повеќе што и самиот е дипломиран криминалист и знаел дека тоа што го прави е законски забрането. Трето, зошто кога маслото од канабис во медицински цели по препис од лекар е во легален промет во Македонија морал да го набавува на црниот пазар или пак се работи за нешто друго ?   

Член 215 став 2 од Кривичниот законик: Toј што неовластено прави, набавува, посредува или дава на употреба опрема, материјал или супстанции за кои знае дека се наменети за производство на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, ќе се казни со затвор од една до пет години.

Почитувани,

Вчера на руска социјална мрежа беше објавено аудио кое авторот го нарече БОМБА и каде тврди дека нарачувам кокаин. На нашите мрежи, прво беше споделено од пропагандната твитер машинерија на ВМРО ДПМНЕ и од порталите блиски до нив, а потоа веќе го споделуваа и сите останати.

Би сакал да расчистам неколку работи:

Дали тоа е мојот глас на снимката?
Да.

Дали разговарам за супстанца чиј промет е забранет?

Да. Но, во овој разговор не нарачувам кокаин. Договарам набавка на масло од канабис. За медицинска употреба, за моја многу блиска личност на која маслото од канабис и’ помогна таму каде другите лекови не можеа да и’ помогнат. Тоа го правам веќе неколку месеци и ќе го правам се’ додека е потребно.

Немам никаква намера да се правам светец, ниту да глумам дека сум изненаден зошто мојот политички противник одбра токму вака да ме нападне. Ама немам намера ниту да се правдам за мојот приватен живот. Во оваа „БОМБА“ нема договарање на милионски криминали. Нема заговарање за уништување животи. Нема местење избори. Нема ендеци и запалени кафани. Има наводи за мојот приватен живот, кои (во овој случај) се извадени од контекст.

Исто така, очекувам службите многу сериозно да го истражат овој случај. Ова не е снимка од телефонски разговор кој некако „протекол“. Поради тоа, не подложи на заштита согласно Законот за заштита на приватноста од 2015г., кој се однесува на снимките по кои постапува СЈО. Но, ова е Неовластено прислушкување и тонско снимање, предвидено со чл. 151 од Кривичниот законик и очекувам дека сторителот ќе биде изведен пред правдата.

п.с. Крајно време е да ја олабавиме законската рамка за медицинска употреба на канабисот и да ја декриминализираме личната употреба. Поддршка за луѓето што се влечат по судови поради тоа што произведуваат масло за болните! (Фејсбук стаус на Павле Богоевски)

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.