Во акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање на услуги на воздухопловната навигација М - НАВ, министер на СДСМ вработил кого стигнал

Објавил: Мартин Попоски | 21 ноември, 2018 8:24

Пет членови од семејството на актуелен министер вработени во М-НАВ

Фото/Текст извор: ©nezavisen.mk

Во М-НАВ, државно претпријатие во кое се исплатуваат плати седум-осум пати повисоки од просечната, од минатата недела е вработен роднина на еден министер од актуелната влада.

И таткото на нововработениот работи во М-НАВ.

Синот не успеало да влезе на првиот оглас, зашто не ги исполнувало условите, ама за него бил распишан и втор оглас. Претходното работно место му било во една од компаниите во зоната „Бунарџик“.

Бројката на нововработени со блиски релации со министри, директори и актуелни политички лица е неутврдена, затоа што, како што велат извори на Независен од М-НАВ, „не можеш сите што работат кај нас да ги сретнеш во ходник, а никој официјално не кажува кој е вработен по огласите“. Повеќе информации нема ниту репрезентативниот синдикат.

Систематизацијата на работни места, како акт според кој се примаат работници, се менува на дневна основа. Иако законот обврзува, Синдикатот ниеднаш не е консултиран за измените. Раководството нема проекција, нема годишен план за вработувања, туку систематизацијата се менува кога некој ќе им се јави. Како Синдикат, чекаме крах на системот, и потоа ќе го правиме од нула. – изјави Александар Тасевски, претседател на синдикатот на контролори на летање.

Заедно со уште еден од помалите синдикати во М-НАВ, во април го информирале и ресорниот министер за „алармантната состојба во М-НАВ“, затоа што, како што стои во дописот: „овој менаџерски тим нема ниту капацитет ниту интерес да го спроведе она што го бараат европските инстанции од М-НАВ“.

Синдикатот му укажал на министерот дека се можни катастрофи со последици по животи на луѓето што го користат воздушниот превоз.

Но и сопругата на шефот на кабинет на тој министер влегла на еден од поновите огласи за вработување во М-НАВ. На листата на вработени синови, ќерки, браќа, сестри и внуци се наоѓаат и синот на директорот на еден од социјалните фондови, сестрата на еден од вицепремиерите, внуците на директорот на телекомуникацискиот оператор и на висок претставник на помалиот коалициски партнер, синот на пратеничка од истата партија.

Упатени во политичките комбинаторики велат дека очекувањата оти новата влада ако не го оневозможи, тогаш ќе го контролира непотизмот, во случајот со М-НАВ биле уништени со поставувањето на Николче Тасески за претседател на УО на М-НАВ.

Тој е контролор на летање, но и зет за сестра на министерката Рената Дескоска.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.