Русковска јасно стави до знаење дека виновници за пребегот на Груевски се оние кои му помогнале од Скопје да стигне до албанска граница, се друго е ирелевантно

Објавил: Мирко Бачиќ | 28 ноември, 2018 6:11

Русковска: Во фокусот ни се докази како Груевски стигнал до граница, понатаму не е наше

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Првиот човек на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска изјави дека веќе се собрани дел од доказите за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски.

Шефицата на Обвинителството сепак тврди дека со 100 процентна сигурност немаат утврдено дали тој легално ја поминал македонската граница.

Таа во емисијата „Правда и неправда“ на 1ТВ истакна дека е неблагодарно во предистражна постапка да се лоцира одговорност за бегството на Груевски и додаде дека е потребно време да се утврди кога и на кој начин избегал од државата.

Како Обвинителство ако ја лоциравме одговорноста, немаше да бидеме во предистражна постапка и ќе подесевме наредба за спроведување на истрага. Не можеме да си дозволиме шпекулација. Сепак сме сериозна институција и ако лоцираме вина било лична или на институција, тоа ќе го кажеме ама тогаш кога ќе имаме докази. Многу е неблагодарно во предистражна постапка да се каже дека ја лоциравме вината. – рече Русковска, прашана дали првично може да каже каде затаиле институциите во случајот со бегството на Груевски, бидејќи во јавноста веќе се лоцира одговорноста во МВР, СЈО или во Агенцијата за разузнавање.

Во однос на Агенцијата за разузнавање, Русковска потсети дека оваа инситутиција е под надлежност на претседателот на државата и упати на одговори кај Агенцијата за тоа дали тие имале некоја информација.

Во однос на судењето за настаните од 27 април во Собранието, Русковска рече дека е задоволна од текот и динамиката на судскиот процес.

Додаде дека сите докази за овие настани одат во насока на воведниот збор на Обвинителството дека се резултат на испланирано сценарио и оти од досегашните докази не гледа причина за преквалификување на некое дело, но, како што рече, остава простор да се слушнат доказите на одбраната до крај.

Русковска истакна дека за овој случај досега немало потреба да биде повикан за сведок Никола Груевски, а улогата на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски, како што посочи, јавноста можела да ја слушне преку новинарите. Сега засега не е меѓу обвинетите. – рече Русковска, која се надева дека ќе има ново обвинение за организаторите.

Во коментар на реакциите за пуштањето од домашен притвор на пратениците кои учествуваа во гласањето за уставните измени и дали Обвинителството влегло во „политички игри“, Русковска подвлече дека таа лично дала негативно мислење за пуштањето на Крсто Муковски од домашен притвор.

Лично дадов негативно мислење за Крсто Мукоски, а како се случи неговото излегување е веќе работа на судот, а не на Обвинителството. – рече Русковска.

За другите двајца пратеници, рече дека нуделе гаранции и оти за нив сакала и претходно да даде позитивно мислење но оти тоа не се случило за јавноста да не добие впечаток дека се пуштаат поради актуелните политички случувања во тој период.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести