Бериша смета дека од проектот на Тачи, познат како размена на границите, победник ќе е само Србија, и го обвини премиерот Рама дека е под влијание на турскиот претседател

Објавил: Мирко Бачиќ | 14 септември, 2018 14:14

Сали Бериша: Идејата за корекција на границите е проект на Белград

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Поранешниот албански претседател и премиер Сали Бериша верува дека идејата за размена на територии меѓу Косово и Србија е проект на Белград.

Гостувајќи во телевизиска емисија, Бериша упати тешки обвинувања на адреса на косовскиот претседател Хашим Тачи, кого го нарече „аргат“ кој го брани овој проект.

Бериша смета дека идејата за размена на територии е идеја на Белград, од која добивка има единствено Србија, но не и Косово.

Тој посочува дека проектот за корекција на границата меѓу Косово и Србија не е американски проект и додава дека и „претставникот на американскиот Сенат јасно кажал дека договор за тоа бара Русија“.

Претставникот на американскиот Сенат јасно кажа дека договорот го бара Русија. Па се јавува аргатот (Тачи). Се јавува некој кој зборува албански и вели не, јас го ставам ова прашање на дискусија и јас барам корекција на границите, а не Белград. Ова е фатално. Како можеш да им кажеш на Албанците такво нешто?, изјави Бериша, кој е и поранешен лидер на Демократската партија.

Бершиша нагласи дека категорично е против корекција на границите, затоа што тоа е многу опасно по мирот и безбедноста на Балканот.

Во истото гостување, меѓу другото, Бериша оцени дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган има огромно влијание во Албанија, поради блиските врски со албанскиот премиер Еди Рама.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.