Заштитениот сведок до "Монструм" е единствениот човек кој знае кој точно ги убил жртвите кај Смилковско езеро

Објавил: Мирко Бачиќ | 31 август, 2018 11:38

Сведокот во “Монструм” пред да ги види телата на убиените момчиња слушнал и повеќе истрели

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

На минатото рочиштe загрозениот сведок рече дека видел 4 тела, но денеска, на прашање на судијата Огнен Ставрев одговори дека слушнал истрели пред да ги види легнатите тела крај Смилковското Езеро.

Според тоа, ова лице чиј идентитет го знае само судијата Ставрев, е единствениот сведок кој кажува дека бил присутен на место и време на злосторството

Загрозениот сведок бил таму кога се случило убиството на четирите момчиња и рибарот кај Смилковското Езеро на 12 април 2012, рече тој на денешното судење за случајот „Монструм“ на СЈО. На минатото рочиште тој рече дека видел 4 тела. Но денеска, на прашање на судијата Огнен Ставрев одговори дека слушнал истрели пред да ги види легнатите тела крај Езерото. Според тоа, ова лице чиј идентитет го знае само судијата Ставрев, е единствениот сведок кој кажува дека бил присутен на место и време на злосторството.

На прашање зошто ова првпат го кажува, со оглед дека ова судење се одржува по вторпат, сведокот рече: „Па никој тогаш не ме праша“.

Во трите испитувања досега, загрозениот сведок како присутни секој ден наназад и на 12 април 2012 на денот на убиствата, ги препозна присутните обвинети во судницата Фејзи Азири, Агим Исмаиловиќ и Сами Љута.

Во судницата беше и Хаки Азири, обвинет дека по свирепото убиство ги одвезол обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ до косовската граница, откога се во бегство. Кога ја сврте камерата судијата кон публиката, загрозениот сведок рече дека препознава меѓу присутната јавност „уште некој“, но дека од сигурносни причини нема да каже кој е тој.

На 12 април 2012 кај скопското Смиљковско Езеро беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Тричковски (на возраст од 18 до 21 година), сите од Радишани, Скопје, и 45-годишниот рибар Борче Стевковски од Црешево.

За случајот „Монструм“ обвинети се вкупно 6 лица. Им се суди во Основниот суд Скопје 1, организиран криминал, по втор пат.

Денешниот главен претрес покажа дека овие обвинети немаат врска со овој настан и дека овој загрозениот сведок е лажен и наместен, рече во изјава пред судот, адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи.

– Од денешниот исказ на загрозениот сведок испаѓа дека тој ги слушал истрелите, а мислам дека одговори и дека дури и видел кој пука, но потоа се премисли и кажа дека не видел. Јас сум сигурен дека и знае кој пукал, но не знам од кои прични не ги посочува тие што се извршители на ова дело – рече Рауфи.

Тој додаде дека од денешните прашања на судскиот совет излегле некои нови моменти, кои кај поранешниот судски совет одбраната на обвинетите ги поставувала како прашања, но не биле дозволени.

Прашан за екстрадицијата на двајцата обвинети во случајот „Монструм“, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири кои се наоѓаат во Косово, Рауфи истакна дека е сигурен оти до тоа нема да дојде и смета дека не треба зошто, како што кажа, станува збор за очигледно невини луѓе.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.