Предлог-законот што го изготвила Дескоска предвидува СЈО да биде под државното обвинителство, но сепак со своја автономија за покрупните случаи за организиран криминал

Објавил: Данаил Михајловски | 26 февруари, 2019 12:11

СДСМ и ДУИ се скарале за СЈО на владина седница!

Фото/Текст извор: ©магазин

На вчерашната владина седница имало кавга за СЈО. Министерката Дескоска, според нашиот извор од владата, предлагала СЈО да биде надлежно за истрагите отворени по рокот од 30 јуни 2017 година, вице-премиерот Бујар Османи бил против, додека министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој себе си се гледа како можен коалиционен кандидат за претседател, предложил ова прашање за трансформацијата на СЈО да се разгледува после завршувањето на претседателските избори. Министерот Бујар Османи го потенцирал и начелното правно мислење на Врховниот суд кој пресече дека по рокот од 18 месеци, СЈО не може да отвора истраги и да покренува обвиненија.

Предлог-законот што го изготвила Дескоска предвидува СЈО да биде под државното обвинителство, но сепак со своја автономија за покрупните случаи за организиран криминал, да се застапува самото во прв и втор степен пред судовите, а во трет степен пред Врховниот суд, тоа да го прави обвинител од Јавното обвинителство. Предистражните постапки кои ги започнало СЈО, може да ги преземе и Обвинитеслтвото за гонење организиран криминал и корупција во согласност со надлежноста.

Освен за бомбите, СЈО би било надлежно за кривичното дело попречување на правдата, за дела против изборите и гласањето,  за кривични дела кои ги сториле функционери преку злоупотреба на службената положба и овластување и сл. Со законот се предлага незаконските прислушувани материјали да се користат заклучно со 15 септември 2020 година, а бомбите да се уништат една година по правосилната судска пресуда.

За да помине предлог-законот за СЈО треба „за“ да гласаат 80 пратеници, кои власта тешко дека ќе може да ги обезбеди во овие околности. Една од причините поради кои ДУИ се колеба да го поддржи новиот закон за специјалното јавно обвинителство е фактот дека за лидерот на ДУИ, Али Ахмети е отворена истрага со кодно име „Попис“, како и за вицепремиерот Бујар Османи, истрагата „Пациент“, но се дознава дека одредени истраги во почетна фаза се водат и за двајца поранешни градоначалници од редовите на ДУИ.

Неофицијално, дел од осумте “независни“ пратеници во Собранието би дале согласност за овој предлог-закон, но тоа не би било доволно без поддршка на сите осуммина. Заев сепак ќе се потруди да им удоволи на барањата на обвинителите од СЈО, бидејќи е свесен дека тие му ја завршија најголемата работа за неговото доаѓање и опстојување на власт.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.