Во телефонска изјава за ТВ24, Звонимир Николовски, раководител на секторот за превенција и инспекциски надзор на културното наследство, вели дека инвеститорот не се придржувал до конзерваторското одобрение

Објавил: Македонка Димкин | 19 март, 2019 12:02

СТОПИРАНА ИЗГРАДБАТА НА 32 МЕТАРСКОТО МИНАРЕ НА АЛИ-ПАШИНАТА ЏАМИЈА ВО ОХРИД

Фото/Текст извор: ©онлине / магазин

Управата за заштита на културното наследство  ја стопира изградбата на 32 – метарското минаре на Али – пашината џамија. Надзорот кој во петокот излегол на терен утврдил низа нерегуларности и отстапувања од конзерваторското одобрение поради што инвеститорот е и парично казнет. 

Во телефонска изјава за ТВ24, Звонимир Николовски, раководител на секторот за превенција и инспекциски надзор на културното наследство, вели дека инвеститорот не се придржувал до конзерваторското одобрение и за џамијата и за минарето.

Уште при првото појавување пред јавноста од Здружението „Совест“ реагираа на начинот на кој се врши реставрацијата на Али-пашината џамија во Охридската чаршија. Тие тогаш се произнесоа дека немаат ништо против конзервирањето на џамијата како објект од посебна историска важност заштитен со закон, но оти се спротивстававуваат на менувањето на изгледот на објектот, неговата околина, како и планот за изградба на 32-метарско минаре во центарот на Охрид.
Тогаш тие своите забелешки ги адресираа до сите надлежни институции очекувајќи од нив да не ја префрлаат одговорноста меѓу себе туку веднаш да преземат соодветни мерки согласно законската регулатива за исправање на состојбите и стопирање на сите градежни активности за кои нема дозвола.

» По спроведениот надзор донесено е решение за запирање на работите. Иако инвеститорот тврди дека има анекс на конзерваторското одобрение, тоа не е доставено до нас и колку што знаеме, е предмет на Основното јавно обвинителство (ОЈО). Дополнително измените кои се направени во внатрешноста не одговараат на издаденото одобрение. Затоа изградбата е стопирана и има парична санкција. Нашите ингеренции се до тука, а понатаму ингеренциите треба да ги преземе градежната инспекција. Се работи за објект од крајот на 15 и почетокот на 16 век и треба да се направи стручна експертиза од страна на професори, архитекти и градежници и да се утврди дали треба да се гради минаре со височина од 32 метри“ – вели Николовски.

На овие неправилности со години реагираа активистите на „Совест” кои иако за денеска попладне закажаа протест го одложија бидејќи утре закажале средба со премиерот Заев.

„Ваквиот развој на настаните се должи на реакцијата на институциите и нивно конечно прифаќање на одговорноста. Во таа насока е закажаната средба со премиерот утре. Се надеваме дека она за што искрено се залагавме во изминативе две и пол години – почитување на законите и зачувување на вредностите на Охрид, ќе вроди со плод и нема да продолжи незаконското постапување во однос на Али-пашината џамија” – велат од „Совест“.

Во меѓувреме министерот за транспорт и врски  Горан Сугарески ги охрабрува институциите да постапуваат по законите и согласно надлежностите.

Битката за докажување нелегалност на градбите на џамијата „Совест“ ја води цели три години, а како ќе се одвиваат работите во иднина, ќе се знае по заедничката средба со премиерот Заев.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести