Владата на Еди Рама е под сериозен притисок на студентите кои протестираат

Објавил: Данаил Михајловски | 13 декември, 2018 7:05

Студентски протести во Тирана

Фото/Текст извор: ©магазин

Веќе осми ден студентите во Тирана протестираат против владата на Еди Рама. Пароли, свирчиња, знамиња и енергични скандирања се секојдневниот декор пред канцеларијата на премиерот и пред министерството за образование.

Иницијална каписла за овие масовни протести на студентите од државните универзитети во Албанија беше одлуката за покачување на школарината и другите давачки кои студентите треба да ги плаќаат секој семестар. Но, освен барањето да се намалат студетските давачки, студентите од пред некој ден испорачаа уште неколку барања за кои очекуваат неодложно да се прифатат. Студентите бараат: подобри услови за сместување во студентските домови, разрешување на државниот одбор за акредитација на факултети, зголемување на буџетот за образование и наука на најлаку 5%, подобрување на студентската застапеност во универзитетските тела на одлучување, измени во законот за високо образование.

Премиерот Рама, кој е под голем притисок на овие протести, изрази подготвеност да прифати некои од барањата и ги повика студентите на дијалог, но беше одбиен. Студентите се одлучни, “прво исполнете ги нашите барања, па потоа ќе водиме дијалог“, му порачаа на албанскиот премиер. Протестите на студентите во Тирана, иако се масовни, сепак се мирни и добро организирани. За време на протестите студентите најавија дека ќе ги бојкотираат предавањата на факултетите, како и испитните сесии. Студентите истовремено ги повикаа политичките партии да стојат настрана од протестот, кој сакаат да задржи само студенстски карактер. Во меѓувреме главната улица во центарот на Тирана останува блокирана, а на студентите почнаа да им се придружуваат и нивни колеги студенти од другите поголеми градови во Албанија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.